Во е-пошта од 5 февруари 2014 година, Епстин му пишал на соработник: „Да набавиме три скриени камери со детекција на движење, кои снимаат, благодарам“. Пет часа подоцна, добил одговор: „Џефри, вчера веќе купив две камери со детекција на движење во Спај стор во Форт Лодердејл, синоќа ги наполнив и сега учам како работат… Моментално ги инсталирам во кутии за марамчиња Клинекс“.
Тимот за податоци и форензика на Скајњуз разгледува повеќе од илјада фрагментирани видеа објавени од Министерството за правда. Се чини дека многу од нив се снимени во канцеларијата на Епстин во неговиот дом во Флорида.
Едно видео прикажува маж, кој личи на Епстин, како разговара со жени во таа соба. Друга снимка прикажува жена како клечи до него. Скај њуз вели дека не може да потврди кога се направени снимките од канцелариските камери.
Според полициските документи, жртвите се плашеле дека тајно биле снимани. Оваа е-пошта и слики, кои се анализирани, сугерираат дека навистина било така.
Сето ова доаѓа откако американската обвинителка Пам Бонди повеќе пати се судри со критичарите за време на долгото сослушување пред комисијата претходно оваа недела.
Во средата, Бонди го даде своето прво сведочење под заклетва откако беа објавени досиејата на Епстин, а сослушувањето во еден момент се претвори во расправија со демократите. Преживеаните жртви на Епстин подоцна ја обвинија дека нема емпатија и човечност, додека критичарите тврдат, бидејќи не се објавени сите документи, а многу од нив се силно редактирани, некои моќни луѓе и понатаму се заштитени.
Бонди, која како директорка на Министерството за правда го надгледува објавувањето на досиејата, го бранеше начинот на кој се спроведувал процесот и рече дека „длабоко жали за сè низ што поминала секоја жртва, особено поради ова чудовиште“.
Сепак, таа одби да преземе лична одговорност за првичните неуспеси во заштитата на идентитетот на индивидуалните жртви во објавените документи. Таа рече дека персоналот, под притисок, направил сѐ што можел.






