„Сега знам дека е убиен“, рече Марк Епстин, упатувајќи сериозни обвинувања против американската администрација во интервју за телевизијата БФМ.
Откако Џефри Епстин бил пронајден обесен во својата ќелија во затвор во Њујорк на 10 август 2019 година, Марк Епстин бил на местото на настанот за да го идентификува телото на својот брат, во придружба на двајца медицински вештаци.
„По обдукцијата, тие рекоа дека не можат да заклучат дека станува збор за самоубиство бидејќи сè изгледаше премногу како убиство. Во оригиналниот смртоносен лист, во делот „причина за смрт“ беше наведена реченицата „во исчекување на понатамошна истрага“, рече Марк Епстин.
Сепак, како што наведува, неколку дена подоцна биле објавени резултатите од обдукцијата, според кои Џефри Епстин извршил самоубиство во својата ќелија.
Братот на покојниот сексуален престапник денес вели дека е убеден дека „Џефри знаел премногу“.
„За време на изборите во 2016 година, кога Хилари Клинтон и Доналд Трамп се натпреваруваа, Џефри рече: „Кога би го кажал она што го знам за овие двајца кандидати, ќе треба да се поништат изборите“. Го обвинувам Министерството за правда дека го прикрива убиството на Џефри“, изјави Марк Епстин за БФМ.
Француската телевизија забележува дека тој не е единствениот што јавно изнесува такво тврдење, наведувајќи дека на 13 февруари, д-р Мајкл Бејден, еден од лекарите кој, како набљудувач го претставувал семејството Епстин, бил присутен на обдукцијата на Џефри Епстин, и за Телеграф изјавил дека причината за неговата смрт треба да биде предмет на нова истрага.
„Мислам дека неговата смрт најверојатно е предизвикана со притисок од давење, а не од бесење. Со оглед на сите информации што ги имаме во моментов, подлабока истрага за причината и околностите на смртта е оправдана“, изјавил докторот за британскиот весник.
Марк Епстин верува, како што вели, дека објавувањето на досиејата поврзани со Епстин е „диверзија“.
„Мислам дека сето тоа е делумно одвлекување на вниманието за да се спречат луѓето да се интересираат за фактот дека тој бил убиен“, рече братот на Џефри Епстин.
Марк Епстин исто така наведува дека е спроведена независна истрага за смртта на неговиот брат, која довела до заклучок дека тој бил убиен, а резултатите од таа истрага, како што најави во едно интервју, ќе бидат објавени за неколку месеци.






