„Овие проклети Руси со балистичка ракета го погодија центарот на станбената област. Во моментов, 14 се веќе мртви, повеќе од 50 се повредени“, напиша на Телеграм Олександар Вилкул, шеф на локалната воена администрација.
Сергиј Лисак, шефот на администрацијата на регионот Дњепропетровск во централна Украина, каде што се наоѓа Кривји Рих, го потврди привремениот биланс на жртви – 14 загинати, меѓу кои и три деца.
„Бројот на повредени продолжува да расте“, објави Лисак на Телеграм, додавајќи дека нападот предизвикал пожари и оштетени згради.
Во Кривји Рих по рускиот напад лекарите се борат за сечиј живот, пренесуваат украинските медиуми. Според првичните информации, во медицинските установи има повеќе од 30 лица, тврди Серхиј Лисак, пренесува УНН.
Според началникот на РМА, меѓу повредените има и деца. „Најмалото има само 3 месеци. Момчето има исеченици, му била укажана помош. Ќе закрепне дома“, заклучил Лисак.
Олександр Вилкул, шеф на Градскиот совет за одбрана, извести дека во најблиското училиште се формира Штаб за помош на луѓето.
Лоциран на околу 80 километри од линијата на фронтот, Кривји Рих е редовно цел на воздушни напади од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Пред војната, таму живееле околу 600.000 луѓе.
Во средата четири лица загинаа, 14 беа повредени во руски ракетен напад. На почетокот на март, сличен напад погоди хотел во градот, каде две лица загинаа, седум беа повредени.