вторник, 15 јули 2025

Туск отфрла техничка влада, ќе бара доверба за својата

Полскиот премиер Доналд Туск во специјално обраќање до нацијата објави дека изборот на кандидатот на опозицијата за нов полски претседател не менува ништо и дека владата има подготвен кризен план во случај новиот претседател Карол Навроцки да се обиде да ја парализира нејзината работа со вето и итно ќе побара од парламентот да гласа за доверба на владата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сакам сите да видат, и нашите противници дома и во странство, дека сме подготвени за оваа ситуација, дека ја разбираме сериозноста на моментот, но дека немаме намера да се повлечеме ниту еден чекор“, рече Туск.

Премиерот на проевропската влада на центарот и левицата нагласи дека претседателските избори на 1 јуни не промениле ништо и нема да променат ништо.

„Кризниот план, кој се потпира на мачна кохабитација, е подготвен. Тешко е однапред да се каже каков ќе биде новиот претседател. Доколку покаже подготвеност за соработка, тоа ќе биде позитивно изненадување на кое ќе одговориме отворено. Ако не, нема што да чекаме, ќе се фатиме за работа без оглед на околностите, бидејќи затоа сме избрани“, рече Туск.

Премиерот најави дека првиот чекор ќе биде што поскоро да се побара парламентот да гласа за доверба на владата, за што владејачката коалиција има доволно мнозинство, а потоа едноставно да се предложуваат и усвојуваат нови закони, без оглед на ризикот од вето од страна на шефот на државата.

„Доколку е потребно, ќе управуваме и ќе донесуваме одлуки и покрај претседателот кој ги блокира добрите промени. Веќе имаме искуство. Имаме премногу работа, почнувајќи од меѓународни прашања, градење силна армија и силна економија. Ќе соработуваме со новиот претседател секаде каде што е потребно и можно“, рече Туск.

Пред обраќањето на премиерот, лидерот на опозициската конзервативна националистичка партија „Закон и правда“, инаку духовен татко на идејата за поставување на непознат историчар како популистички кандидат на претседателските избори, Јарослав Качински, му рече на Туск дека гласачите ѝ дале црвен картон на владата во неделата.

„Демократијата покажа заби. Владата што е на власт денес не ги исполни своите ветувања. Нејзините планови се напад врз нашата слобода и нашиот суверенитет. Затоа владата доби црвен картон. Таквата влада треба да си замине“, рече Качински.

Лидерот на полските популисти побара да се формира техничка влада чиј премиер би бил пронајден од различни политички опции заедно во дебата и на позициите на министрите да се назначат експерти.

На претседателските избори во неделата, Полска беше поделена на два спротивставени рамноправни табора и со тесно мнозинство од само 370.000 гласови од вкупно 28,9 милиони гласачи, беше избран следбеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, во младоста фудбалски хулиган и боксер, сега историчар и директор на Институтот за сеќавање на народот, Карол Навроцки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ