Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека има намера да ги нападне „сите позиции на режимот“ како дел од својот напад врз Исламската Република, започнат во петокот наутро со цел да ја спречи да добие нуклеарно оружје.
Во недела наутро, израелската војска посочи дека таргетирала цели „поврзани со проектот за нуклеарно оружје на иранскиот режим“, поточно посочувајќи го Министерството за одбрана и седиштето на Организацијата за одбранбени истражувања и иновации, позната и по персискиот акроним СПНД.
Новинарите на АФП слушнале неколку детонации во главниот град.
Според иранската новинска агенција Тасним, една од зградите на министерството била „лесно оштетена“.
Погодени се и две складишта за гориво. „Складиштето за нафта Шахран (северозападно од Техеран) и уште еден резервоар јужно (од градот) беа цел на ционистичкиот режим“, соопшти Министерството за нафта во текот на ноќта.
Според репортер на АФП, магацинот Шахран бил во пламен.
„Техеран гори“, коментираше израелскиот министер за одбрана Израел Кац во недела наутро на Икс.
Како одговор, Иран започна два круга ракетни напади врз централен и северен Израел, при што загинаа осум лица, а повеќе од 130 беа повредени од саботата навечер, според Маген Давид Адом, израелски еквивалент на Црвениот крст.