Трамп во интервју за Фокс њуз изјави дека пронашол група „многу богати луѓе“ како потенцијален купувач за Тикток, чиј идентитет ќе го открие за околу две недели, пренесува Ројтерс.
Според законот усвоен од Конгресот во 2024 година, социјалната мрежа останува предмет на забрана во САД, освен ако нејзината матична компанија БајтДенс не се откаже од контролата.
Републиканските и демократските членови на Конгресот изразија загриженост во врска со употребата на податоци од страна на Кина и обидите да влијае врз американското јавно мислење.
Сепак, во средината на јуни, Трамп му даде дополнителен рок на Тикток за продажба на социјалната мрежа.
Со продолжување на рокот, американскиот претседател го одржа Тикток достапен за повеќе од 170 милиони корисници во САД.
Според неколку американски медиуми, протоколот за оваа продажба бил постигнат на почетокот на април, кој предвидувал одвојување на американската филијала на Тикток од групацијата БајтДенс, заедно со преструктурирање на капиталот.
Уделот на инвеститори кои не се од Кина се зголеми од 60 на 80 отсто, при што БајтДенс задржа 20 отсто.
Сепак, царинските мерки што ги наметна Трамп врз трговските партнери, вклучително и Кина, ја блокираа трансакцијата од кинеска страна.