„Точно знаеме каде се крие таканаречениот „врховен лидер“. Тој е лесна цел, но таму е безбеден – засега нема да го отстраниме (убиеме)! Но, не сакаме ракети да се пукаат кон цивили или американски војници. Нашето трпение е при крај. Ви благодариме за вниманието!“, објави Трамп на Трут соушл.
Кратко потоа, објави уште еден пост, со само една реченица, напишана со големи букви: „БЕЗУСЛОВНО ПРЕДАВАЊЕ“.
Си-ен-ен претходно во текот на викендот објави дека Трамп отфрлил израелски план за атентат врз врховниот лидер на Иран, повикувајќи се на два неименувани извори.
Во нова објава, Трамп рече дека САД „целосно го контролираат небото над Иран“.
„Иран имаше добри системи за воздушен надзор и друга одбранбена опрема, и тоа во големи количини, но таа не може да се спореди со американската технологија – осмислена, дизајнирана и произведена во Соединетите Држави. Никој не го прави тоа подобро од добрата стара Америка“, напиша тој.
Иако Соединетите Држави традиционално му обезбедуваат воена помош на Израел, официјалниот став на Вашингтон е дека не бил вклучен во израелските воздушни напади врз Иран што започнаа во петокот.