Трамп, според Гардијан, им рекол на претставниците на Пентагон дека воениот напад би имал смисла само ако има гаранција дека ГБУ-57, бомба од 13,6 тони, може целосно да го уништи објектот, кој се наоѓа длабоко под земја. Иако му било објаснето дека нападот најверојатно ќе го уништи Фордо, претседателот сè уште не дал зелено светло, надевајќи се дека заканата од американско вклучување во конфликтот ќе го принуди Техеран да преговара.
Фордо се смета за критичен дел од нуклеарната програма на Иран, особено откако Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) утврди дека објектот збогатува ураниум до чистота од 83,7 отсто – многу блиску до границата од 90 отсто потребна за производство на нуклеарно оружје.
Гардијан забележува дека уништувањето на Фордо – или дипломатски или со воздушен напад – во Вашингтон би се сметало за клучна цел во запирањето на нуклеарната програма на Иран.
За разлика од Соединетите Американски Држави, Израел нема капацитет да изврши таков напад: нема бомби со доволен потенцијал за пенетрација и нема авиони што би можеле безбедно да достават таков товар на таква длабочина. Затоа, евентуалниот напад врз Фордо неизбежно би барал директна американска воена интервенција.