Иран се спротивстави на заканите на Трамп дека ќе ги бомбардира доколку не преговара директно за својата нуклеарна програма, иако ја остави отворена вратата за индиректни дискусии.
„Водиме директни преговори со Иран и тие ги започнаа. Имаме многу голем состанок во сабота и ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека сите се согласуваат дека би било подобро да се постигне договор“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба за време на разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е во посета на Вашингтон.
Предупредувањата на Трамп за можна воена акција против Иран ги разнишаа веќе затегнатите односи низ Блискиот Исток по отворената војна во Газа и Либан, воените напади врз Јемен, промената на раководството во Сирија и израелско-иранската размена на оган.
Трамп рече дека повеќе би сакал договор за иранската нуклеарна програма отколку воен конфликт. Тој додаде дека на 7 март му пишал на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи да предложи разговори. Иранските власти тогаш изјавија дека Техеран нема да биде принуден на преговори.
За време на својот прв мандат, Трамп ги повлече Соединетите Држави од договорот меѓу Иран и светските сили со кој беа поставени строги ограничувања на спорните нуклеарни активности на Техеран во замена за олеснување на санкциите. Трамп, исто така, повторно воведе опсежни американски санкции кон Иран.
Оттогаш, Иран далеку ги надмина ограничувањата од тој договор за збогатување ураниум.
Западните сили го обвинуваат Иран за таен план за развој на способности за нуклеарно оружје со збогатување на ураниум до високо ниво на чистота, над она што велат дека е оправдано за цивилна програма за атомска енергија.
Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма во целост се развива во корист на цивилни енергетски цели.