среда, 9 јули 2025

Трамп: Канада директно ја нападна нашата земја, ги прекинуваме сите трговски преговори

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа Трут соушл дека ги прекинува сите трговски преговори со Канада.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Тукушто бевме информирани дека Канада, земја со која е многу тешко да се ТРГУВА, вклучувајќи го и фактот дека со години им наплаќаат на нашите земјоделци царини од 400 отсто за млечни производи, штотуку објави дека ќе воведе данок на дигитални услуги на американските технолошки компании, што е директен и очигледен напад врз нашата земја.“

„Тие очигледно ја копираат Европската Унија, која го направи истото и моментално разговара за тоа со нас. Поради овој скандалозен данок, ги суспендираме СИТЕ трговски разговори со Канада, кои стапуваат во сила веднаш. Ќе ја известиме Канада за царините што ќе ги плаќа за бизнисот со САД во следните седум дена. Ви благодариме за вашето внимание за ова прашање“, напиша Трамп.

Ова соопштение дојде откако Трамп изјави дека неговиот краен рок за трговски договори до 9 јули, не е фиксен. Тој им објасни на новинарите дека може да се постигне договор пред или по тој датум, кога треба повторно да се воведат посеопфатни американски царини доколку не се постигне договор.

„Можеме да правиме што сакаме. Можеме да го продолжиме рокот. Можеме да го скратиме. Би сакал да го скратам. Само би сакал да испратам писма до сите: Ви честитаме, плаќате 25 отсто“, им рече тој на новинарите во Белата куќа. Американскиот министер за финансии Скот Бесент претходно изјави дека трговските договори би можеле да бидат склучени до почетокот на септември.

По една недела во која царините беа ставени во втор план поради американскиот напад врз нуклеарните постројки на Иран и огромниот закон за оданочување и трошење во Конгресот, трговските разговори на администрацијата на Трамп се забрзаа. Соединетите Американски Држави вчера испратија нов предлог до Европската Унија, а Индија испрати делегација во Вашингтон за понатамошни разговори.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави дека го добила најновиот предлог за понатамошни преговори за царините од американската страна, нагласувајќи дека Унијата е подготвена за договор, но и за ситуација во која нема задоволителен договор.

Таа нагласи дека Комисијата ќе ги брани европските интереси во преговорите за царините и дека сите опции „остануваат на маса“.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека ЕУ треба да постигне „брз и едноставен“ трговски договор со САД, а не „бавен и комплициран“, додека францускиот претседател Макрон изјави дека неговата земја нема да прифати договор кој е неурамнотежен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ