Во соопштението објавено денеска од американската Царинска и гранична служба се наведува дека изземањето ќе важи и за стоките што влегле во земјата или излегле од магацините по 5 април.
Администрацијата на Трамп вели дека електрониката нема да се оданочува ниту со глобалната царинска стапка од 10 отсто, ниту со повисоката стапка што се однесува исклучиво на кинеските производи.
Одлуката е донесена по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите тарифни правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите со оглед на тоа што повеќето од нив се произведуваат во Кина.
Голем број други електронски делови се исто така изземени, вклучително и полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, во обид на администрацијата на Трамп да се заштити од негативното влијание врз домашната индустрија.
Соединетите Американски Држави се главниот пазар за Ајфон, а Епл држеше повеќе од половина од американскиот пазар на паметни телефони минатата година, според Кантерпоинт рисрч.
Според нивните податоци, 80 отсто од Ајфон телефоните наменети за американскиот пазар се произведени во Кина, а останатите 20 отсто во Индија. Поради зголемената тарифна несигурност, Епл и другите производители, како што е Самсунг, со години се обидуваат да ги диверзифицираат производствените синџири со преместување на дел од капацитетите во Индија и Виетнам.
Откако новите тарифи стапија на сила, Епл, според американските медиуми, ја забрза испораката на уредите произведени во Индија за да го надополни можниот недостиг.
Трамп најави драстични царини за стоки од речиси секоја земја претходно оваа недела, но одеднаш ја промени својата одлука во средата. Тој најави дека на сите земји кои не возвратиле со царини за американските стоки, ќе им се даде пауза од 90 дена, за време на која ќе се применува само единствена царина од 10 проценти, наместо повисоките стапки.
Кина е изземена од таа мерка, бидејќи одговори со контрамерки, сопствена царина од 84 отсто за американските производи. На крајот, како одговор на американските царини од 145% за кинескиот увоз, Кина воведе уште посилни контрамерки, зголемувајќи ги тарифите за американските стоки од 84% на 125%.
Белата куќа вели дека ова е преговарачки механизам со цел да се постигнат подобри трговски услови за САД. Трамп тврди дека неговата тарифна политика ги коригира неправдите на глобалниот трговски систем и помага да се вратат фабриките и работните места во Америка.