вторник, 1 април 2025
Дојче веле

Тенкови наместо автомобили: се менува германскиот пазар на труд

Во германската индустрија се случуваат големи промени: додека некои водечки компании, како што е Фолксваген, ги намалуваат работните места, производителите на тенкови и крстосувачки ракети очајно бараат нови работници.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тековната студија на консултантската фирма EИ и Декабанк проценува дека „европските членки на НАТО ќе инвестираат годишно 72 милијарди евра во вооружување во наредните години, со што ќе се отворат, односно обезбедат 680.000 работни места во Европа“.

Слични резултати носи и истражувањето на консултантската фирма Кирни. Сепак, точниот број на потребната квалификувана работна сила ќе зависи од нивото на трошоците за одбраната. Ако европските земји одвојуваат два отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната во иднина, како што налагаат правилата на НАТО, до 2030 година ќе има недостиг од околу 160.000 експерти.

„Со умерен пораст (2,5 отсто од БДП) би можело да има околу 460.000 непополнети работни места, а со значително зголемување (3 отсто) до 760.000“, наведуваат авторите на студијата Гидо Хертел и Нилс Кулвајн. Особено недостигаат експерти за вештачка интелигенција и за анализа на големо количество податоци.

Од каде ќе дојде работната сила?

Производителите на оружје, радарска технологија или преносни системи за борбени возила не бараат само нови работници, туку и производствени локации за очекуваниот прилив на нарачки.

Логично е да се посегне по индустриите што се во криза. „Заработуваме од проблемите на автомобилската индустрија“, вели Оливер Дере, директор на баварската компанија Хензолт, која произведува високоефикасни радари. Тие се користат, на пример во Украина, за воздушна одбрана. Еден од нивните системи може да открие дури и невидливи, односно стелт-бомбардери, како американскиот Ф-35, направени од материјали што ги прават речиси невидливи за радарите.

Компанијата веќе преговара со добавувачите на автомобили Континентал и Бош за преземање на нивните работници, потврдува Дере.

Во Герлиц во Источна Германија, на границата со Полска, концернот за производство на оружје КНДС ја презема фабриката на производителот на возови Алстом, која требаше да биде затворена во 2026 година. Концернот планира да преземе половина од 700-те работници. Поранешната фабрика за возови ќе произведува делови и модули за тенковите леопард 2, пума и боксер, а производството е планирано да почне во 2025 година.

Конкурентскиот Рајнметал се потпира и на работници од други сектори: таму, поранешен специјалист за специјални компоненти во нафтената индустрија сега произведува цевки за тенкови во фабриката на компанијата во северна Германија, а бивша козметичарка лакира тенковски гранати.

Колку е лесно да се премине во наменска индустрија?

Преминот од цивилна во наменска индустрија не е секогаш лесен, истакнува Ева Брикнер во интервју за Дојче веле. „Ова е можно само за одредени позиции и со професионални специјализации“, вели консултантката специјализирана за безбедносна и воена индустрија. „Работникот на производствената линија во Фолксваген може да најде работа во некои компании за оружје. Дури и развојниот инженер може да се пресели во одбранбената индустрија по одреден период на адаптација“.

Но тоа не е можно за сите професии, на пример за специјалистите за продажба или набавки, предупредува Брикнер.

Ханс Кристоф Акподиен, генерален директор на Здружението за безбедносна и воена индустрија, истакнува дека многу компании за оружје бараат задолжителни безбедносни проверки за вработените – за што може да биде потребно време. „Сегашните процедури за доделување на овие дозволи не се доволно брзи за да овозможат брзо приспособување на работниците“, вели тој за ДВ.

Во оваа постапка главна улога игра т.н. список на земји. Имено, германското МВР има листа на земји што претставуваат безбедносен ризик. Ги содржи Авганистан, Кина, Виетнам, Ирак, Иран, Сирија, Русија и поранешните советски републики. Дури и некој подолг престој во една од овие земји може да биде пречка за вработување во наменската индустрија.

Американски експерти доаѓаат во Европа?

Европа нема да може брзо да најде доволно квалификувана работна сила и менаџери за потребите на специјализираната индустрија. Таму би можеле да дојдат на помош оние од САД, вели Ева Брикнер. И објаснува: „Трамп најави намалување на трошоците за истражувачките институти и универзитети, што отвора можност за Европа“.

Соединетите Американски Држави досега привлекуваа врвни експерти од целиот свет со своите елитни универзитети и големите трошоци за истражување. „Но ако овие средства се намалат, Европа може да каже: Ние ќе бидеме моторот на иновациите и ќе ги привлечеме талентираните луѓе“, смета Ева Брикнер.

Таа вели дека веќе добива прашања од САД – на некои експерти не им биле продолжени зелените карти, а некои сметаат дека повеќе не се ценети во САД. „Многумина се прашуваат дали сакаат да ја поддржат новата американска политичка и геополитичка насока. Ова е одлична можност за Европа и таа треба да се искористи“, посочува Брикнер.

Кои профили сè уште недостасуваат?

Според нејзиното мислење, одбранбената индустрија мора да најде нови начини за привлекување работна сила. Таа, меѓу другото, верува дека повеќе жени на лидерски позиции во индустријата во која доминираат поранешни воени офицери би можеле да донесат позитивни промени.

И Нилс Кулвајн од консултантската куќа Кирни предупредува дека дигитализацијата го менува профилот на бараните работници. И тој објаснува: „Експертите за ИТ, вештачка интелигенција и анализа на податоци се многу барани, но ги нема доволно“.

Ева Брикнер посочува дека компаниите во иднина ќе мора да направат повеќе за да ги привлечат потребните експерти: „Сигурна сум дека ќе мора да ги зголемат платите што ги нудат за да бидат конкурентни на пазарот на трудот.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ