сабота, 12 јули 2025

Техеран не е во толку лоша ситуација како што тврди Трамп: Проценка која на Белата куќа нема да ѝ се допадне

Рафаел Гроси, директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави дека Иран, и покрај сериозните оштетувања на неколку нуклеарни постројки во нападите на САД и Израел, веројатно би можел да започне со производство на збогатен ураниум „за само неколку месеци“, пренесува американската телевизија Си-би-ес њуз.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

На 13 јуни, Израел изврши координирана серија воздушни напади врз нуклеарни и воени цели во Иран, тврдејќи дека нивната цел е да го спречат Техеран да развие нуклеарно оружје – за кое Иран тврди дека го нема.

Веднаш потоа, САД извршија дополнителни напади врз три клучни објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран, а американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека овие напади ја уништиле нуклеарната програма на Иран.

Сепак, Гроси предупредува дека „некои постројки сè уште функционираат“.

„За неколку месеци, Иран би можел повторно да ги активира своите центрифугални каскади и да започне со збогатување на ураниум. Можеби и порано“, рече тој.

Едно од клучните прашања што останува неодговорено е судбината на околу 408 килограми високо збогатен ураниум (збогатен до 60%), што Иран го акумулирал пред нападот. Иако ова ниво на збогатување ги надминува цивилните потреби, сепак е под границата за воена употреба. Меѓутоа, со дополнително збогатување до 90 отсто, таа количина би била доволна за да се направат дури девет нуклеарни бомби.

„Не знаеме каде се наоѓа тој материјал во моментов. Дел од него можеби е уништен за време на нападот, но постои реална можност дел од него да е пренесен“, рече Гроси, додавајќи дека „е потребно итно да се разјасни ситуацијата“.

Како одговор на нападите и зголемениот притисок од Западот, иранскиот парламент гласаше за прекинување на соработката со МААЕ, додека Техеран го отфрли барањето на Гроси да ги посети оштетените локации, вклучително и најважниот центар за збогатување ураниум – објектот Фордо.

„Треба да можеме да потврдиме што останало, каде е и што навистина се случило“, рече Гроси.

Во посебно интервју за Фокс њуз, Трамп изјави дека не верува оти Иран успеал претходно да ги премести своите залихи од ураниум.

„Тоа не е лесно да се направи, а не им оставивме многу време да реагираат“, рече претседателот.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во саботата нагласи дека САД цврсто стојат зад напорите на МААЕ во Иран, истакнувајќи го професионализмот и посветеноста на Гроси и неговиот тим во спроведувањето на инспекции и верификација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ