Британската влада во последниве месеци призна дека спроведува воздушно набљудување и собирање разузнавачки информации во Газа „со единствена цел да помогне во спасувањето на израелските заложници“ земени од Хамас за време на неговиот напад на 7 октомври 2023 година.
Тајмс, повикувајќи се на анонимни извори во британското Министерство за одбрана, пишува дека извидувачкиот авион „сенка Р1“ на британското воено воздухопловство повеќе не е достапен и војската сега ги ангажира услугите на приватната американска компанија „Стрејт флајт Невада“ за разузнавачки мисии.
Еден од овие прелети беше откриен на 28 јули на апликација за следење на воздушниот сообраќај, а според експерт цитиран од весникот, првиот лет од британската воена база во Акротири, Кипар, бил на 20 јули.
Британското Министерство за одбрана потврди за агенцијата Франс прес дека има надзорни летови над палестинска територија, но со единствена цел да се лоцираат заложниците што ги држи Хамас, без да се прецизира како се спроведуваат.
Од 251 лице киднапирано од Хамас и неговите сојузници на 7 октомври 2023 година, 49 сè уште се во Газа, од кои 27 се прогласени за мртви од страна на израелската војска.
Според Тајмс, користењето на приватна американска компанија предизвикува незадоволство во Армијата.
Хелен Мекгваер, задолжена за одбранбените прашања на центристичката Либерално-демократска партија, напиша на платформата Икс дека тоа предизвикува загриженост за разузнавачките способности на британската војска.
Таа ја повика Владата да ги разјасни мерките преземени за да се осигури дека Израел не може да користи разузнавачки информации од Велика Британија за да ги спроведува своите воени операции против Палестинците во Газа.
Запрашан во Парламентот во март за летовите што ги извршуваат РАФ, министерот за одбрана Лук Полард изјави дека „може да се споделуваат само информации поврзани со спасувањето на заложниците“.
„Тоа го правиме кога сме уверени дека ќе се користи во согласност со меѓународното хуманитарно право“, рече министерот во тоа време, додека неколку пратеници предупредија на правни последици доколку Израел ги користи овие информации за дејствија спротивни на меѓународното право.






