Против изборот на владата на Курти гласаа членовите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово, Српската листа и Алијансата за иднината на Косово.
По гласањето за владата, Курти и министрите од неговиот кабинет положија заклетва во Собранието.
По експозето, во дискусијата која следеше, претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, изјави дека на првата редовна седница на новиот состав на Собранието, ќе побара усвојување на резолуција со која ќе се бара фер, непристрасно судење во согласност со меѓународните стандарди и почитување на човековите права за обвинетите во Хаг.
Тој побара целосна поддршка за оваа резолуција и ги покани сите партиски и институционални лидери да учествуваат на протестниот марш на 17 февруари во поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) ан кои им се суди во Хаг.
Хамза кажа дека ДПК ќе биде воздржана за време на дебатата на конститутивната седница, но дека ќе обезбеди поддршка во постигнувањето консензус за прашања од големо значење, како што се изборот на претседател и ратификацијата на меѓународните договори.
„Поддршката на консензусот не е знак на слабост, туку на државна одговорност. Ќе придонесеме за договори во интерес на Косово, но без да правиме компромис со државниот интерес“, кажа Хамза.
Тој, меѓутоа, го критикуваше експозето на новиот премиер Аљбин Курти, велејќи дека повеќе станува збор за ветувања и прашања кои немаат основа за финансирање.
Претседателот на ДСК Љумир Абџику изјави дека Демократскиот сојуз на Косово ја прифаќа својата улога во опозиција, но дека не се откажува, дека е подготвен за институционална соработка во Собранието за поважни теми и изрази надеж дека оваа функција ќе се извршува „со зрелост, трпение и свест за улогата што Собранието ја има во демократскиот живот на Косово“.
„ДСК изразува подготвеност за институционална соработка во парламентот за теми кои одат подалеку од парламентарната аритметика, бидејќи веруваме дека стабилноста на државата се гради со зрелост, почитување на опозицијата и свест дека демократијата не е само прашање на бројки, туку прашање на политичка култура“, им кажа тој на пратениците.
Бесник Тахири од Алијансата за иднината на Косово го критикуваше Курти за кабинетот кој им го претстави на пратениците, велејќи дека кабинетот е „адаптација на владата чија цел е да турка чисто партиска агенда“.
Тахири додаде дека бројот на министри во кабинетот е преголем за Косово и го праша Курти дали знае дека формирал кабинет „со големина на државата Кина, а не на Косово“.
Игор Симиќ од Српската листа изјави дека неговата партија нема да го поддржи формирањето на владата и ја обвини претходната влада за кршење на правата на српскиот народ.
„Ја користам оваа можност да кажам дека Србите од Српската листа немаат ништо против албанскиот народ со кој живеевме, живееме и ќе продолжиме да живееме. Но, ние ќе бидеме против политиките насочени кон протерување на нашиот народ“, кажа Симиќ.
Тој изјави дека во експозето на Аљбин Курти никаде не се спомнуваат Србите, а се пожали и на предлогот на Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќање.
„Тој го доби мандатот во Парламентот со гласови од места каде што со децении нема Срби. Тоа не беа српски гласови. Вие имате право да го назначите за министер, но знаете дека тој никогаш нема да биде министер кој ги претставува Србите. За сè што сте направиле, поради сторените прекршувања, Српската листа нема да го поддржи формирањето на оваа влада“, кажа Симиќ.
Седницата за формирање на владата се одржа по конститутивната седница на која беше инаугуриран 10-тиот состав на Собранието на Косово, избран на изборите на 28 декември.
Курти, за време на своето излагање синоќа пред пратениците, вети и инвестиција од една милијарда евра во одбранбениот сектор.
„Во следните четири години ќе ги зајакнеме сојузите, ќе инвестираме една милијарда евра во одбраната, ќе регрутираме нови војници, ќе го зголемиме бројот на офицери, ќе ја функционализираме фабриката за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме борбени беспилотни летала „Произведено во Косово““, кажа Курти, објаснувајќи ја програмата на новата влада на Косово.
Тој вети големи инвестиции во обновливи извори на енергија и водни ресурси, како и развој на преработувачката индустрија во Косово.
Тој ја нагласи важноста на поддршката за вработување на жените и грижата за бабите и дедовците кои помагаат во одгледувањето на децата, додека минималната плата се планира да расте во согласност со економскиот развој.
Во областа на образованието, новата влада ќе продолжи со реформите и ќе ги поврзе образовните програми со потребите на пазарот на трудот, кажа Курти.
Планирано е да се зголеми поддршката за рано образование и да се воведе систем на ваучери за родителите кои ги запишуваат своите деца во приватни градинки.
Исто така, низ цела Косово ќе бидат отворени пет специјализирани средни училишта.
Зборувајќи за приоритетите во здравството, Курти нагласи дека секој граѓанин ќе има свој матичен лекар и задолжителен годишен лекарски преглед.
Тој најави изградба на нова болница во Митровица и Урошевац, додека буџетот за основната листа на лекови ќе се зголеми на 100 милиони евра.
Курти вети поддршка за земјоделците, гарантирајќи пазар за секое стандардизирано и сертифицирано производство.
Тој, исто така, најави инвестиции во спортска инфраструктура, вклучително и реновирање на фудбалски стадиони низ цела Косово.
Курти го почна своето излагање во косовскиот парламент, каде што ја презентираше програмата и составот на владата, со наведување дека предлогот на Специјалното обвинителство да се казнат поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) со 45 години затвор „не е во согласност со вистината и го негира историскиот и политичкиот контекст на ослободителната борба на народот на Косово“.
Тој кажа дека седницата за формирање на Владата и конститутивната седница на Собранието се одржале доцна поради судскиот процес против поранешните водачи на ОВК во Хаг – Хасим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весељи.
„Ставот на Владата на Републиката што ја предводам останува јасен: злосторства против човештвото врз албански цивили беа извршени на Косово од страна на режимот на Југославија – Србија под Милошевиќ. Ова е документирано и меѓународно признато. Изедначувањето на водачите на ОВК и геноцидниот режим е неодржливо“, оцени Курти.






