петок, 11 јули 2025

Скандал го тресе Њујорк: Трамп му се заканува на кандидатот за градоначалник

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го прекине федералното финансирање на Њујорк ако водечкиот кандидат за градоначалник, демократот Зохран Мамдани „не се однесува правилно“ доколку биде избран на функцијата.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во меѓувреме, Мамдани негираше дека е комунист, како што тврди претседателот. Мамдани, сепак, потврди дека е посветен на зголемување на даноците за најбогатите њујорчани, велејќи дека мисли дека „не треба да имаме милијардери“ бидејќи нееднаквостите во општеството се преголеми.

Трамп во интервју за Фокс њуз изјави дека победата на Мамдани е „незамислива“ бидејќи верува дека тој е „чист комунист“.

„Ако биде избран, јас сè уште ќе бидам претседател, а тој ќе мора да го стори она што е исправно или нема да ги добие парите“, изјави Трамп, пренесува Гардијан.

Федералната влада издвојува повеќе од 100 милијарди долари за градот Њујорк преку разни програми и проекти, според градските записи од минатата година. Мамдани за Ен-би-си демантираше дека е комунист, додавајќи дека веќе почнал да се навикнува на тоа дека претседателот ќе коментира за неговиот изглед, начин на зборување, потекло, „и сето тоа за да го оттргне вниманието од она за што се бори“.

Мамдани изјави дека негова инспирација бил американскиот борец за граѓански права Мартин Лутер Кинг, кој се залагал „за подобра распределба на богатството за сите Божји деца во Америка“. Тој ја повтори својата намера да ги зголеми даноците за најбогатите њујорчани кои живеат во богати населби со претежно бело население. Според него, не станува збор за расно прашање, туку за проценка кои населби плаќаат премалку, а кои премногу даноци.

Многу жители на Њујорк и умерени демократски политичари изразија загриженост поради победата на Мамдани над поранешниот гувернер Ендру Куомо на прелиминарните избори на демократите за градоначалник на 24 јуни, објави британскиот весник. Многу истакнати демократи не ја поддржаа номинацијата на Мамдани, вклучувајќи ја и гувернерката на Њујорк, Кети Хокул.

Трамп изјави дека номинацијата на Мамдани е „шокантна“.

„Порано велев дека никогаш нема да имаме социјалист во оваа земја“, рече тој во таа пригода. Запрашан да ги коментира намерите на Мамдани да се спротивстави на построгите мерки на администрацијата против мигрантите и да го уапси израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку дојде во Њујорк, Трамп рече дека „нема да успее во двата случаи“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ