За помалку од половина година, гигантот на одбранбената индустрија разви решение кое ѝ овозможува на најновата верзија на грипен да лета со помош на вештачка интелигенција и да учествува во воздушна борба против стандарден борбен авион. Првиот таков лет се случил на 28 мај оваа година.
Започнува нова ера во борбената авијација
„Вештачката интелигенција го леташе авионот и изврши борбена мисија. Тоа беше голем чекор за Сааб и за целиот свет на борбеното воздухопловство, а за 20 години верувам дека 28 мај ќе се смета за почеток на нова способност во борбената авијација“, кажа Питер Нилсон, раководител на напредни програми во одделот за аеронаутика на Сааб.
Ова, меѓу другото, значи дека компанијата работи и на борбени авиони или други воздушни решенија кои треба да го заменат грипен за неколку децении. Сепак, моменталните тестови со вештачка интелигенција покажуваат дека Грипен Е може да има подолг век на траење од очекуваното. Имено, со помош на вештачка интелигенција, на авионот може да му се дадат нови можности, и тоа многу побрзо од претходно.
Работата на новото АИ решение почнала на почетокот на годината кога софтверот за вештачка интелигенција Центаур научил да го контролира грипен Е. Центаур доаѓа од германската одбранбена компанија Хелсинг, која е специјализирана за вештачка интелигенција и во која Сааб претходно инвестирал. Шведската канцеларија за воена опрема (Фосваретс материелверк), која набавува опрема за шведската армија, исто така е вклучена во проектот.
Само пет месеци биле доволни за вештачката интелигенција да научи да го лета авионот и да биде подготвена за воздушна борба. Ова значи дека развојот продолжил многу побрзо отколку што е вообичаено во прилично бавната одбранбена индустрија.
Пресметка со радари, сензори и ракети
„Не беше толку едноставно да се изгради ова. Беше одлично да се види како работи кога полетав и ја предадов контролата врз авионот“, вели директорот за иновации на Сааб, Маркус Вант, кој претходно бил главен тест пилот за грипен Е.
Сааб извршил неколку летови со вештачка интелигенција со пилот во авионот. По некое време, пилотот ја предавал контролата на вештачката интелигенција, која потоа извршувала симулирана воздушна борба со друг грипен, управуван од човек-пилот.
Autonomous AI-agent fly BVR-combat on #Gripen E
“Saab, in collaboration with Helsing, today announced the successful completion of the first three flights integrating Helsing’s Artificial Intelligence (AI) agent ‘Centaur’ into a Gripen E”
Source: https://t.co/wyVPdu4vE6 pic.twitter.com/x1HiKl4p0h
— Gripen News (@GripenNews) June 11, 2025
Станувало збор за битка во која авионите беа толку оддалечени еден од друг што пилотите не можеле да го видат непријателот со свои очи. Наместо тоа, тие користеле радар и други сензори за да го следат непријателот, кој потоа го напаѓале со ракети.
Важно објаснување за успехот на вештачката интелигенција лежи во фактот шѕо таа имала пристап до голема компјутерска сила и можела да тренира многу интензивно за кратко време. Количеството на обука што вештачката интелигенција го добила за неколку недели е еквивалентна на она што човечки пилот би го добил вежбајќи дење и ноќе 50 години.
Тоа што системот за вештачка интелигенција на Хелсинг може релативно лесно да се примени произлегува од фактот што новиот грипен Е има два компјутерски системи кои работат релативно независно еден од друг. Едниот систем е поедноставен и го контролира начинот на кој лета авионот. Промените во тој систем се прават многу ретко и само по обемно тестирање, што може да трае долго.
Прилагодување на системот во зависност од противникот
Другиот систем управува со сите други функции во авионот. Ова го вклучува оружјето, радарот и други сензори, системот за електронско војување и така натаму. Во овој систем, функциите можат да се додаваат или менуваат – на пример, да се прилагодат на противникот – без да влијаат на основниот систем на авионот.
„Ова ни овозможува да работиме со Хелсинг и да додаваме целосно непознат код со целосна безбедност. Го уфрливме нивниот софтвер кој комуницираше со нашите контролни системи и нашите сензори“, вели Јохан Сегертофт, директор на деловната единица Грипен во Сааб.
Не е јасно кога системот ќе биде подготвен за испорака на војската. Сааб само наведува дека тоа „нема да се случи уште некое време“. Компанијата исто така нема никаков договор за испорака на АИ решенија.