Пред точно 40 години, министрите од Белгија, Германија, Луксембург, Франција и Холандија се качија на бродот Принцеза Мари-Астрид и отпловија до средината на реката Мозел на тројната граница во срцето на Европа. Таму, во близина на малата луксембуршка општина Шенген, тие потпишаа договор за постепено укинување на контролите на нивните заеднички граници.
Нивната обврска ќе стане камен-темелник на најголемата зона за слободно патување во светот. Денес, Шенген зоната нуди патување без граници на 450 милиони луѓе од 29 земји – од кои четири не се во ЕУ – а контролите би требало да бидат сведени на привремени мерки како последна мерка во исклучителни околности.
До јуни оваа година, 11 од 29-те земји од Шенген зоната – вклучувајќи ги Австрија, Франција, Германија, Италија и Холандија – ја известија Европската комисија за плановите за повторно воведување на гранични контроли. Десет од нив најавија контроли во период од шест месеци, додека проверките од неколку земји беа само најновото продолжување на долга серија последователни контроли.
Шенген „се топи пред нашите очи“, кажа шпанскиот европратеник Хуан Фернандо Лопез Агилар.
Додека земјите од ЕУ, една по една, ги затворија своите граници за време на кризата со коронавирусот во обид да го спречат ширењето на ковид-19 низ целиот континент, Лопез Агилар ја предводеше иницијативата за повторно лансирање на зоната за слободно патување на ЕУ.
„Работите сериозно се влошија од пандемијата“, изјави тој за Политико. Во своите планови за справување со миграцијата, земјите почнаа премногу често да се прибегнуваат кон внатрешни контроли, додава тој.
Германија, исто така, наведе „сериозни закани за јавната безбедност“ кои ги претставува нелегалната миграција кога воведе контроли на сите свои граници минатата година. Кога Фридрих Мерц стана канцелар, Германија ги удвои тие контроли.
Полскиот премиер Доналд Туск ги нарече контролите неприфатливи, додека чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан побара Германија да го ограничи своето влијание врз прекуграничните патувања.
Сепак, Луксембург тоа го сфаќа лично.
Среде стравувањата од влијанието на германските контроли врз неговиот граничен регион и илјадниците патници што влегуваат и излегуваат од земјата секој ден, владата поднесе жалба до Европската комисија.
Слободното патување во ЕУ „е жив проект кој зависи од нашата будност, соработка и силна верба во Европа без бариери“, изјави министерот за внатрешни работи на Луксембург, Леон Глоден, во писмена изјава за Политико.
„Луксембург, како родно место на Шенген, има посебна одговорност да го одржи неговиот дух жив“. Дали ќе биде така, останува да се види.