недела, 13 јули 2025

Шефот на МААЕ: Центрифугите во иранската постројка се сериозно оштетени, доколку не и уништени

Центрифугите во иранската постројка за збогатување ураниум во Натанз можеби се уништени во израелските напади, изјави вчера генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Веројатно се сериозно оштетени, ако не и уништени“, изјави Гроси за Би-би-си, објаснувајќи дека тоа се должи на прекинот на електричната енергија предизвикан од нападот во петокот.

За време на вонредната седница на Управниот совет на МААЕ во Виена тој извести дека тешко оштетениот објект во Натанз не претрпел понатамошно уништување од петокот. Тој истакна дека подземниот дел од објектот не е засегнат, но додаде дека опремата што се наоѓа таму можеби е оштетена од прекинот на електричната енергија.

Гроси предупреди дека контаминацијата со радијација во објектот е опасна, иако нивоата на зрачење надвор од нападнатиот комплекс остануваат во нормални граници.

Површинскиот дел од објектот во Натанз, каде што ураниумот се збогатува до 60 проценти, беше уништен во петокот. Пријавени се и штети во четири објекти во постројката во Исфахан, додека нема извештаи за штети во подземниот објект за збогатување ураниум во Фордоу, додаде Гроси.

Израел соопшти дека нападите имале за цел да го спречат Иран да развие нуклеарно оружје.

Сепак, Техеран вели дека неговата нуклеарна програма се развива исклучиво за цивилни цели. Гроси во Виена предупреди дека воената ескалација ги забавува „клучните дипломатски напори насочени кон долгорочно осигурување дека Иран нема да развива нуклеарно оружје“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ