Според КИДА, најголем дел од приходите доаѓаат од продажбата на муниција на Русија, но Пјонгјанг испратил и илјадници војници во Москва што се бореле против украинските сили, пред сè во руската област Курск. Се проценува дека најмалку 4.000 од 11.000 испратени севернокорејски војници загинале таму.
Северна Кореја, се вели во извештајот, веројатно ја цени руската „натурална и техничка помош“ повеќе од директните пари – особено во форма на високотехнолошки оружја и воени системи пто придонесуваат за нејзините стратегиски цели.
Зближувањето на Русија со Кина, Иран и Северна Кореја претставува растечки стратегиски предизвик за САД, кои сега истовремено се обидуваат да се спротивстават на влијанието на сите три актери низ светот. Администрацијата на Доналд Трамп исто така бара брз крај на војната во Украина, која Северна Кореја активно ја поддржува.
Во предупредувањето од извештајот на КИДА јасно се вели: „Воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја ги зголемува шансите Москва да се вклучи на Корејскиот Полуостров во случај на криза“.
Од август 2023 година до март 2025 година, според заедничката анализа на Центарот опен сорс (ОСЦ) и Ројтерс, Северна Кореја испорачала повеќе од 15.800 контејнери со муниција во Русија. Користејќи сателитски и 3Д-снимки, се проценува дека четири руски брода превезле меѓу 4,2 и 5,8 милиони парчиња муниција во 64 пратки.
Експертите предупредуваат дека продолжувањето на оваа соработка може дополнително да ја ослабне ефикасноста на западната воена помош за Украина, да ја продолжи војната и да ја дестабилизира безбедносната ситуација не само во Европа, туку и во Источна Азија.
„Доколку не се запре протокот на севернокорејско оружје, постои реална опасност рамнотежата на војната уште посилно да се сруши во корист на Москва“, се наведува во извештајот на ОСЦ.
И покрај мировните преговори со посредство на САД, напредокот е бавен, а клучните несогласувања околу територијалните прашања и идната безбедност на Украина остануваат.