сабота, 12 јули 2025

Руски воен брод вооружен со проектили „маскиран“ минал низ Ламанш

Руски воен брод „маскиран“ минал низ Ламанш  за време на викендот, изјавиле повеќе извори за британски Телеграф. Корветата Бојкиј, опремена со наведувани ракети и митралези, наводно емитувала лажен сигнал за идентификација додека пловела низ каналот во саботата. Ова не е прв пат оваа година таа да влезе во британски води – веќе била следена во март додека минувала низ Ламанш и Северно Море.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Овој пат, се тврди, таа патувала со два танкери, Сиера и Наксос, кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, мрежа од бродови што транспортираат руска нафта под санкции. Употребата на воени бродови како заштита се смета за обид на Москва да ги одврати Обединетото Кралство и другите членки на НАТО од запленување бродови од „флотата во сенка“.

Минатиот месец, подморницата Краснодар беше откриена во Ламанш, поради што британската морнарица го ангажираше бродот ХМС Тајн за да ја следи. Две недели претходно, британските бродови ХМС Сент Албанс и ХМС Мерси ги следеле руските бродови во друг инцидент во каналот. Во исто време, бројот на руски танкери за нафта што минуваат низ Ламанш речиси се дуплира откако Лондон воведе санкции врз Москва по нејзината инвазија на Украина, според анализата на Телеграф.

Дмитриј Горенбург, виш истражувач во Центарот за поморска анализа, изјави за Би-би-си: „Овој потег е јасно наменет да ги одврати Британија и другите членки на НАТО од обидот да претресуваат овие бродови или да ги запленат, бидејќи присуството на воена придружба го зголемува ризикот од конфликт и понатамошна ескалација“.

Би-би-си верифај, одделот за проверка на факти на британскиот јавен сервис, објави дека Бојкиј не ги активирал своите системи за следење кога испловил од Конакри, главниот град на Гвинеја во Западна Африка, претходно овој месец. Бродот наводно не го вклучил својот систем за автоматска идентификација (АИС), кој ги пријавува локацијата, рутата и другите безбедносни податоци до другите бродови и крајбрежни власти што овозможува безбедна навигација.

Наместо тоа, се вели дека пловел под генеричкиот идентификациски број 400000000, што предизвикало погрешно да се појави на страниците за следење како претходни бродови кои го користеле истиот број. Би-би-си верифај, кој користел сателитски снимки, податоци за следење и видеа за да го идентификува бродот, изјави дека Бојкиј поминал покрај Канарските Острови пред да се сретне со двата танкери на влезот во Ламанш на 20 јуни.

Потоа, наводно, британската морнарица го следела додека минувал низ каналот кон Балтичко Море. На снимки од веб-камери подоцна се гледа воениот брод како минува под мостот Голем Белт во Данска. Фредерик ван Локерен, аналитичар и поранешен офицер на белгиската морнарица, вели дека е невообичаено руски воен брод да биде прикриен.

„Обично, ако Русите сакаат да останат надвор од радарот, тие едноставно го исклучуваат сигналот на АИС“, кажал тој. „Тоа што се обидуваат да се прикријат како нешто друго… тоа е многу, многу ретко.“ Инцидентот се случува во време на зголемено следење на активностите на Москва во европските води од страна на Британија и НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ