недела, 27 јули 2025

Ројтерс: Путин ќе го игнорира ултиматумот на Трамп, ги изложи условите за мир

Владимир Путин планира да ја продолжи војната во Украина сè додека Западот не се согласи на мировни преговори под руски услови, а неговите територијални претензии би можеле дополнително да се прошират ако руските сили продолжат да напредуваат, изјавија за Ројтерс три извори блиски до Кремљ.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Според овие извори, Путин не е импресиониран од заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за нови санкции и верува дека и руската војска и економијата се доволно силни за да издржат дополнителен притисок од Западот.

„Путин верува дека никој, дури ни Американците, сериозно не се ангажирале со специфичните услови на Русија за мир, па затоа ќе продолжи сè додека не го добие она што го сака“, рече еден извор под услов да остане анонимен.

Трамп вчера изрази разочарување од одбивањето на Путин да прифати прекин на огнот и најави нови испораки на оружје за Украина, вклучувајќи системи „патриот“, и дополнителни санкции доколку не се постигне мировен договор во рок од 50 дена.

Иако Трамп и Путин разговараа по телефон неколку пати, а американскиот претставник Стив Виткоф во неколку наврати отпатува во Москва за да се сретне со Путин, рускиот претседател, според извори, верува дека немало сериозен обид да се дефинира основата за мир.

„Важно е Путин да го зачува својот однос со Трамп и имаше добри разговори со Виткоф, но интересите на Русија се над сè“, додаде еден од изворите.

Барањата на Путин: повлекување на НАТО, Украина мора да остане неутрална

Според извори блиски до Кремљ, Путин бара правно обврзувачка гаранција дека НАТО нема да се прошири кон исток, неутрален статус за Украина и ограничувања на нејзините вооружени сили, како и заштита за населението што зборува руски јазик. Тој, исто така, бара признавање на територијалните придобивки на Русија.

Путин, наводно, е подготвен да разговара за безбедносните гаранции за Украина во кои би биле вклучени големите сили, но не е јасно како тоа би изгледало во пракса. Кабинетот на претседателот Володимир Зеленски не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.

Друг извор рече дека Путин верува дека целите на Москва се поважни од какви било економски последици и дека не е загрижен поради заканите од САД за царини против Кина и Индија за купување руска нафта.

Два извори тврдат дека Русија има предност на бојното поле и дека нејзината воена индустрија го надминува производството на НАТО кога станува збор за клучна муниција, како што се артилериските гранати.

Според интерактивна онлајн мапа што ги следи информациите од отворен извор, руските сили зазеле дополнителни 1.415 квадратни километри украинска територија во последните три месеци. „Апетитот расте како што одминува времето“, рече еден извор, сугерирајќи дека Путин може да ги прошири барањата доколку војната не запре.

Русија веќе контролира речиси една петтина од Украина: цел Крим, цел Луганск, повеќе од 70 отсто од Доњецк, Запорожје и Херсон, делови од Харков, Суми и Дњепропетровск. Путин јавно тврди дека пет клучни региони – вклучувајќи го и Крим – сега се составен дел од Русија и дека Киев мора да се повлече ако сака мир.

Извори велат дека Москва би можела привремено да ја запре офанзивата ако наиде на сериозен отпор. „Но, ако Украина ослабне, ќе има уште поголемо освојување – регионите Дњепропетровск, Суми и Харков“, рече трет извор.

Путин ја претставува војната како пресвртница во односите со колективниот Запад, кој, според него, ја понижил Русија по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година со проширување на НАТО во областите што Москва ги смета за своја сфера на влијание, вклучувајќи ги Украина и Грузија.

Иако Зеленски ја поддржа идејата на Трамп за безусловен прекин на огнот, Путин сè уште не ја прифатил. Во меѓувреме, Русија продолжи со нападите со беспилотни летала врз украинските градови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ