Овој драматичен американски напад, кој вклучуваше таргетирање на најутврдените нуклеарни објекти на Иран длабоко под земјата, претставува најголем ризик за надворешна политика за време на двата претседателски мандати на Трамп, полн со неизвесност и потенцијални последици, според британската агенција.
Трамп во саботата изјави дека Иран мора да избере мир или ќе следат нови напади. Сепак, аналитичарите сега предупредуваат дека Техеран би можел да возврати со затворање на Ормускиот теснец, клучната нафтена артерија во светот, напаѓајќи ги американските бази и сојузници на Блискиот Исток, зголемувајќи ги ракетните напади врз Израел или активирајќи ги своите „посреднички групи“ против американските и израелските интереси низ целиот свет.
Ваквите потези, според Ројтерс, би можеле да доведат до поширок и подолг конфликт отколку што Трамп замислува, потсетувајќи на „бесконечните војни“ во Ирак и Авганистан, кои претходно ги нарече „глупави“ и од кои вети дека Америка ќе се држи настрана.
„Иранците се сериозно ослабени и деградирани во нивните воени капацитети“, вели Арон Дејвид Милер, поранешен преговарач за Блискиот Исток и за републиканската и за демократската администрација. „Но имаат разни асиметрични начини да возвратат. Ова нема брзо да заврши“, додава тој
Пред нападот што го објави доцна во саботата, Трамп се колебаше помеѓу заканите за воена акција и повиците за нови преговори за да го убеди Иран да се откаже од својата нуклеарна програма, пишува Ројтерс, додавајќи дека, според висок функционер на Белата куќа, Трамп го наредил нападот кога станало јасно дека Техеран не е заинтересиран за нуклеарен договор.
Според него, Трамп дал зелено светло само кога му било кажано дека постои „голема веројатност за успех“, што бил заклучокот по повеќе од една недела израелски напади што го подготвиле теренот за потенцијално завршен американски удар.
Трамп го пофали „огромниот успех“ на нападот, но некои експерти предупредуваат дека иако програмата на Иран можеби е забавена за неколку години, опасноста е далеку од исчезната, според Ројтерс.
Иран негира дека се обидува да развие нуклеарно оружје, тврдејќи дека неговата програма е исклучиво за мирнодопски цели.
„Воената акција на долг рок веројатно ќе го поттикне Иран кон одлука дека му е потребно нуклеарно оружје за да ги одврати САД и дека Вашингтон не е заинтересиран за дипломатија“, наведе Американското здружение за контрола на оружјето.
„Нападите нема да го уништат нуклеарното знаење што Иран веќе го има. Тие ќе ја успорат програмата, но по цена на зајакнување на решеноста на Иран да ја обнови“, се додава во соопштението.
Ерик Лоб, професор на Одделот за политика и меѓународни односи на Меѓународниот универзитет на Флорида, верува дека Иран може да возврати со напаѓање на „меки мети“ на САД и Израел и надвор од регионот.
Сепак, тој не ја исклучува можноста Иран да се врати на преговарачката маса, иако од уште послаба позиција, или да бара дипломатски излез од ситуацијата.
Во првите реакции по нападот, Иран не покажа подготвеност да прави отстапки. Организацијата за атомска енергија на Иран соопшти дека нема да дозволи развојот на нивната „национална индустрија“ да биде запрен, додека коментатор на државната телевизија кажа дека сите американски граѓани и војници во регионот сега се легитимни цели.
Во раните утрински часови во недела, министерството за надворешни работи на Иран издаде соопштение во кое се вели дека Техеран „смета дека има право да се спротивстави на американската воена агресија со сета своја сила“.
Карим Саџадпур, аналитичар во Карнеги фондацијата за меѓународен мир, напиша на социјалната мрежа Икс дека „Трамп рече дека сега е време за мир“. „Не е јасно, а и малку е веројатно, дека Иранците го гледаат тоа на ист начин. Поверојатно е дека ова отвора ново поглавје во 46-годишниот конфликт меѓу САД и Иран, отколку што го затвора“, ренаведече тој.
Некои аналитичари предупредуваат дека Трамп, иако претходно ја отфрли идејата за соборување на иранскиот режим, би можел да биде вовлечен во таква мисија ако Техеран изврши голем напад или одлучи да развие нуклеарно оружје.
Ова, се додаде, би отворило дополнителни ризици.
„Внимавајте да не бидете вовлечени во мисијата за промена на режимот и демократизација. Коските на многу неуспешни морални мисии на САД се закопани во песокот на Блискиот Исток“, вели Лаура Блуменфелд, аналитичарка за Блискиот Исток на Универзитетот Џонс Хопкинс.
Џонатан Паникоф, поранешен американски разузнавачки службеник за Блискиот Исток, вели дека Иран би можел брзо да одговори со „несразмерни напади“ ако почувствува дека неговиот опстанок е загрозен, но исто така треба да биде свесен за последиците.
Затворањето на Ормускиот теснец, на пример, би можело да предизвика дополнителни проблеми како што се скок на цените на нафтата и инфлацијата во САД, но би ја погодило и Кина, еден од ретките моќни сојузници на Иран.
Ројтерс, исто така, оценува дека Трамп се соочува со критики од демократите во Конгресот за нападот, но и со противење од антиинтервенционистичкиот дел од неговата републиканска база МАГА (Да ја направиме Америка повторно голема) и додава дека претседателот кој немал сериозна меѓународна криза за време на својот прв мандат, сега е вовлечен во таква само шест месеци откако започнал вториот мандат.
Дури и ако се надеваме дека американската воена интервенција може да биде со ограничено времетраење и обем, историјата покажува дека ваквите конфликти честопати носат несакани последици за американските претседатели, оценува британската агенција.
Слоганот на Трамп „преку сила до мир“ сигурно ќе биде ставен на тест како никогаш досега, особено откако отвори нов воен фронт, не успевајќи да ги исполни своите предизборни ветувања за брзо завршување на војните во Украина и Газа, заклучува Ројтерс.