четврток, 12 февруари 2026

Рекордни горештини и бесни пожари ја почнаа 2026 година на јужната хемисфера

Од Аргентина до Австралија и Јужна Африка, рекордни температури и разорни шумски пожари ја погодуваат јужната хемисфера во почетокот на 2026 година. Научниците предупредуваат дека може да следуваат уште поекстремни температури — па дури и нов глобален годишен рекорд — по три од најтоплите години досега измерени, пишува Ројтерс.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во јануари, рекордна „врела купола“ ја зафати Австралија, при што температурите се приближија до 50 Целзиусови степени. Истовремено, топлинските бранови и катастрофалните пожари зафатија делови од Јужна Америка, палејќи оддалечени делови од аргентинската Патагонија и одземајќи 21 живот во крајбрежните населби во Чиле. Јужна Африка, пак, се соочува со најтешките пожари во последните години.

Екстремите се случуваат и покрај тоа што светот сè уште е под влијание на слаба Ла Ниња — климатски циклус што носи постудени води во централниот и источниот дел на Пацификот и кој започна во декември 2024 година. И покрај тој фактор што вообичаено има разладувачко дејство, температурите во повеќе региони достигнуваат рекордни вредности.

„Тоа значи дека ефектот на климатските промени предизвикани од човекот ја надминува природната варијабилност“, вели климатологот Теодор Кипинг од Империјал колеџ Лондон и меѓународната истражувачка иницијатива Светска временска атрибуција.

Тој предупреди дека преминот кон неутрална фаза или кон Ел Нињо може дополнително да ја засили појавата на екстремни топлински бранови низ светот. Ел Нињо обично има спротивен ефект од Ла Ниња — ги загрева водите во централен и источен Пацифик и ги зголемува глобалните температури.

Според Адам Скејф од националната метеоролошка и климатска служба на Обединетото Кралство, оваа година се очекува да биде околу 1,46 Целзиусови степени потопла од прединдустриското ниво, што би ја направило четврта последователна година со повеќе од 1,4 степени затоплување. Парискиот договор има цел затоплувањето да се ограничи под 1,5 степен.

„Ако брзо се развие силен Ел Нињо во 2026 година, можно е 2026 да стане рекордна година“, рече Скејф.

Светската метеоролошка организација минатиот месец соопшти дека последните три години биле најтоплите досега регистрирани.

Пожарите од шумите стигнуваат до морето

Иако повеќето шумски пожари се предизвикани од човечка активност, тие се и природен дел од многу екосистеми. Но долготрајната жештина, сушите и екстремните температури ги претвораат пожарите што некогаш лесно се кротеа во сè понеконтролирани и разорни настани.

Пожарите што го зафатија Националниот парк Лос Алерсес во Аргентина го илустрираат овој тренд. Паркот, кој е под заштита на УНЕСКО, е дом на дрвја стари повеќе од 3.000 години. Пожарот започнал по удар од гром и првично бил под контрола, но топлинскиот бран и силните ветрови го прошириле за околу 20 километри во еден ден — најлош пожар таму во последните две децении.

Регионот страда од суша уште од 2008 година, а температурите во првите две недели од јануари биле околу шест степени над просекот.

Пожари избувнаа и во јужниот дел на Чиле, а се проширија кон регионот Консепсион, уништувајќи стотици домови и одземајќи 21 живот.

„Таму каде што имало најмногу жртви, речиси секогаш станува збор за отежната или невозможна евакуација“, рече Кипинг, особено во области погодени од силни ветрови што дуваат кон крајбрежјето.

Во крајбрежното гратче Пунта де Пара, околу 80 проценти од објектите биле уништени. Жителите велат дека немале време да се евакуираат. Ветрови со брзина од речиси 70 километри на час создавале огнени вители што се прошириле до плажата и ги заробиле луѓето.

Иднина исполнета со пожари

Рекордните горештини во југоисточна Австралија ги поттикнаа најтешките пожари од сезоната 2019–2020, кога загинаа 33 лица. Во Јужна Африка сезоната 2025–2026 е најтешка во последната деценија.

Јужната хемисфера се загрева со стапка од околу 0,15 до 0,17 степени по деценија од 1970-тите, помалку од северната, но копнените маси на југ сега се загреваат со слична брзина како и оние на север.

Кипинг предупредува дека екстремните услови што ги поттикнуваат најразорните пожари стануваат сè поинтензивни и почести. Тој нагласува дека адаптацијата е клучна — управување со вегетацијата околу градовите, ефикасни планови за евакуација и користење огноотпорни материјали при градба.

Економската штета расте. Осигурителниот брокер Аон процени дека глобалните осигурени загуби од пожари во 2025 година достигнале 42 милијарди долари, наспроти просекот од 4 милијарди годишно меѓу 2000 и 2024 година. Швајцарски Ре објави дека уделот на пожарите во глобалните осигурени загуби од природни катастрофи пораснал од околу 1 процент пред 2015 година на 7 проценти денес.

„Навистина не можете да запрете многу од овие огромни и интензивни пожари — тие едноставно се премногу големи“, рече Кипинг.

Според него, најважниот чекор е „сериозен разговор за ограничување на идните климатски промени за да се спречи понатамошно влошување на ситуацијата.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ