Како што се наведува во соопштението на медиумската куќа, во тужбата поднесена до американскиот окружен суд за областа Колумбија (градот Вашингтон), се тврди дека со намалувањето на финансирањето на Радио слободна Европа, вклучувајќи го Радио слобода, се кршат сојузниот закон и уставот на Соединетите Американски Држави, кои на Конгресот му даваат исклучива контрола над федералното трошење.
Во тужбата се вели дека УСАГМ одбила да исплати средства „врз основа на тоа што престанува со своите незаконски функции, не наведувајќи дека финансирањето на емитерот е законска функција на агенцијата“, пренесува Форбс.
Во тужбата Радио слободна Европа тврди дека Конгресот одобрил средства за дејноста на таа медиумска куќа „како признание на клучната улога која РСЕ ја има во обезбедувањето точни, нецензурирани вести во земјите во кои слободниот печат е загрозен“.
„Ова не е време да се отстапи терен на пропагандата и цензурата на американските противници. Веруваме дека законот е на наша страна и дека прославата на нашата смрт од деспотите низ светот е избрзана“, истакна претседателот и генерален директор на РСЕ Стивен Капус.
Американската агенција за глобални медиуми, која го надгледува и Радио слободна Азија, ја прекина финансиската поддршка на двете организации, што влијаеше врз емитувањето на пропагандата во источна Европа, Русија, Украина, Кина и Северна Кореја, по извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп со која се наложуваат значителни намалувања на буџетот.
Белата куќа го брани својот потег за сопирање на средствата за агенцијата кажувајќи дека „ќе обезбеди даночните обврзници повеќе да не бидат на јадицата за радикална пропаганда“.
Капус претходно овој месец кажа дека откажувањето на договорот за грант на Радио слободна Европа/Радио слобода е „огромен подарок на американските непријатели“.
Американскиот милијардер Илон Маск, кој е на чело на Агенцијата за владина ефикасност, го поддржа гасењето на Радио слободна Европа.
„Да, затворете ги. Како прво, Европа сега е слободна (не сметајќи ја бирократијата која ја задушува). Ало. Никој не ги слуша веќе. Како второ, тоа се луди луѓе кои зборуваат сами со себе додека трошат милијарда долари годишно од парите на американските даночни обврзници“, порача Маск на социјалната мрежа Икс.
Набрзо откако Конгресот на САД го усвои законот за финансирање минатата недела, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го прекина финансирањето на неколку глобални медиумски агенции кои ги надгледува УСАГМ, вклучувајќи Радио слободна Европа, Радио слободна Азија, Блискоисточната мрежа за емитување и Радиото Марти, кое емитува програма за Куба.
Речиси сите 1.300 вработени на Гласот на Америка (ВОА), кој се финансира од сојузниот буџет, се испратени на принуден одмор, врз основа на наредбата на Белата куќа која повикува на континуирано „намалување на сојузната бирократија“ со намалувањето на функциите на неколку „непотребни владини субјекти“ на минимумот пропишан со закон.
Аргументите изнесени во тужбата на РСЕ се слични на оние кои ги изнесоа поранешните вработени на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) кои ја тужеа владата на Трамп и Агенцијата за владина ефикасност (ДОГЕ) поради нивните напори да ја трансформираат агенцијата за странска помош.
Вчера сојузен судија од Мериленд пресуди во корист на тужителите, напоменувајќи дека гасењето на УСАИД веројатно го прекршува уставот на САД лишувајќи ги „избраните претставници на јавноста во Конгресот“ од овластувањето да одлучуваат „дали, кога и како да ја затворат агенцијата формирана од Конгресот“.