недела, 13 јули 2025

Путин: Ја имаме најнапредната нуклеарна тријада во светот

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека новата програма за вооружување за периодот од 2027 до 2036 година треба да посвети посебно внимание на нуклеарната тријада, односно на копнените, морските и воздушните нуклеарни сили.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Коментарите на Путин, емитувани на државната телевизија, беа дадени на состанок на високи функционери посветен на руската воена индустрија и подготовките за следната долгорочна програма за вооружување.

„Нема сомнение дека мора да се посвети посебно внимание на нуклеарната тријада, која била и ќе остане гаранција за рускиот суверенитет и игра клучна улога во одржувањето на рамнотежата на моќта во светот“, рече Путин.

Нуклеарната тријада е термин што се однесува на трите начини на лансирање ракети – од копно, од воздух и од море – со кои располагаат сите големи нуклеарни сили. Путин тврди дека Русија е пред другите земји во овој поглед.

„Во моментов, уделот на модерно оружје и опрема во стратешките нуклеарни сили е веќе 95 проценти. Ова е силен индикатор, всушност највисок меѓу сите нуклеарни сили во светот“, рече рускиот претседател.

Тој додаде дека новата програма мора да вклучува и развој на напредни системи, земајќи ги предвид искуствата од, како што рече, „специјалните воени операции“, што е официјалното име на Русија за војната против Украина, но и од други регионални конфликти и глобални трендови во развојот на воената технологија.

Покрај нуклеарната тријада, Путин ја нагласи потребата од итно зајакнување на копнените сили, нарекувајќи ги „доминантна сила во спроведувањето на современи воени операции од кој било обем и интензитет“. „Важно е што поскоро да се зголеми нивната борбена способност“, рече тој.

Во својот говор, Путин го истакна и растот на воените трошоци, кои, според државните медиуми, достигнаа 6,3 проценти од БДП на Русија – највисоко ниво од Студената војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ