Говорејќи на заедничка прес-конференција во Доха заедно со либанскиот премиер Наваф Салам, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани го нарече иранскиот ракетен напад повреда на суверенитетот на Катар и рече дека ќе бидат преземени правни и дипломатски чекори како одговор.
„Она што се случи сигурно ќе остави лузна врз односите. Но, се надевам дека со текот на времето сите ќе ја научат лекцијата дека добрососедските односи не треба да се нарушуваат или поткопуваат“, изјави Ал Тани.
Вчера, Иран истрела ракети врз американската база Ал-Удеид во Катар, како одмазда за американските напади врз иранските нуклеарни постројки. Нема информации за жртви.
Ал Тани рече дека, на барање на САД, Катар контактирал со ирански претставници за да ја истражи можноста за целосен прекин на огнот, што, според него, придонело за американското објавување за прекин на огнот. Тој го поздрави примирјето и ги повика сите страни да се вратат на дипломатијата.
Тој, исто така, потврди дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го повикал катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, за да го изрази своето жалење за нападот, велејќи дека тој не е насочен против Катар како држава.
„Јасно му ставивме до знаење дека Катар е соседна земја која отсекогаш одржувала добри односи со Иран“, рече Ал Тани.