петок, 11 јули 2025

Повеќе од 600 илјади тони пластика на Кока кола секоја година завршуваат во светските води

Наскоро повеќе од 500.000 тони пластичен отпад на Кока кола ќе ги загадуваат светските океани и водени патишта секоја година, покажува нова анализа која денес ја објави непрофитната организација Океана. Тоа е доволно пластика да се наполнат стомаците на 18 милиони китови.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Извештајот е објавен во контекст на сè поголемата загриженост од ризиците кои по човековото здравје ги претставува ширењето на микропластиката, која научниците сè повеќе ја поврзуваат со ракот, неплодноста, срцевите и други болести. „Кока Кола е далеку најголемиот произведувач и продавач на пијалаци во светот“, вели Мер Литлџон, кој ја води кампањата на Океана насочена на корпоративното загадување.

Затоа Кока кола има голем збор кога станува збор за влијанието на микропластиката врз океанот, објаснува Литлџон.

Според студијата од 2024 година објавена во списанието Сајенс адвансис, Кока кола е водечки светски загадувач на брендирана пластика, а следат пепсико, Нестле, Даноне и производителот на тутун Алтриа.

Проценката на Океана се заснова на јавно објавените податоци за пакувањето на Кока кола од 2018 до 2023 година, во комбинација со прогнозите за раст на продажбата.

Се предвидува дека Кока кола ќе користи 4,13 милиони тони пластика годишно до 2030 година. За да процени колку од оваа пластика ќе заврши во водните екосистеми, истражувачите примениле рецензирана метода развиена од меѓународен тим на научници, објавена во академското списание Сајенс во 2020. Така дошле до проценка од 602.000 тони пластика на Кока кола во светските води, што е еднакво на речиси 220 милијарди шишиња од половина литар.

Решението за намалување на оваа неверојатна бројка лежи во враќањето на пакувањето за повеќекратна употреба, било во форма на повратни стаклени шишиња, кои можат повторно да се користат 50 пати, или во подебели ПЕТ пластични шишиња, наменети за 25 намени, тврди Океана.

Во 2022 година Кока кола призна дека пакувањето за повеќекратна употреба е „меѓу најефикасните начини за намалување на отпадот“ и вети дека до 2030 година, таквото пакување ќе сочинува четвртина од нивните производи.

Но, тоа ветување беше тивко отфрлено во најновиот план за одржливост од декември 2024 година. Новите цели на компанијата наместо тоа се фокусирани на зголемување на рециклирана содржина во пакувањето и зголемување на стапките на собирање.

Борците за заштита на животната средина долго време предупредуваат на преголемото зависење од рециклирањето, тврдејќи дека тоа често служи за префрлање на вината на потрошувачите наместо да се решат причините за кризата.

„Рециклирањето е одлично, не ме сфаќајте погрешно“, вели Литлџон. „Но, ако сакате да користите рециклирана пластика за да произведете повеќе пластика за еднократна употреба, тогаш тоа е проблем“.

Во производството на пластика се користи нафта, што ја прави корпоративната употреба на пластика директен предизвикувач на климатските промени.

Сепак, има причина за надеж. Всушност, Кока кола наводно веќе работи со големи системи за полнење во неколку земји, вклучувајќи ги Бразил, Германија, Нигерија, па дури и делови од САД, како што е јужен Тексас.

„Тие ја имаат најголемата инфраструктура за повеќекратна употреба од која било компанија за пијалаци и имаат капацитет да го развијат тоа и да постават пример за остатокот од индустријата“, вели Литлџон.

Во изјава за Франс прес, портпаролот на Кока кола кажа дека напорите на компанијата во моментов се фокусирани на користење повеќе рециклирани материјали и подобрување на системот за собирање. „Инвестиравме и остануваме посветени на проширување на нашите можности за пакување за повторно полнење и оваа работа ќе продолжи како дел од нашата стратегија насочена кон потрошувачите“, рече портпаролот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ