понеделник, 2 февруари 2026

Орбан користи нови трикови во пресрет на најважните избори досега во Унгарија

Унгарскиот премиер се соочува со најсериозниот предизвик досега на парламентарните избори во април 2026 година. Цела Европа треба внимателно да ја следи кампањата на партијата Фидес – таа ќе користи досега невидени методи на изборна манипулација за да обезбеди победа и да ја задржи власта.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Официјалната изборна кампања во Унгарија треба да започне во март, но земјата веќе се наоѓа среде политичка борба каква што досега не доживеала, пишува Жужана Селењи за Карнеги ендаумент. Политиката стана секојдневна тема на разговор, а Унгарците отворено го поставуваат прашањето дали премиерот Виктор Орбан конечно може да биде поразен на парламентарните избори во април. За првпат во последните петнаесет години, падот на поддршката за неговата партија Фидес е видлив – и мерлив. Истовремено, методите и триковите што власта ги користи за да го спречи поразот претставуваат своевиден експеримент на изборна манипулација што низ цела Европа треба внимателно да се набљудува.

Изборите дополнително ги раздвижи нов политички предизвикувач. Петер Маѓар, донедамна малку познат инсајдер од партијата на Орбан и поранешен сопруг на една министерка од Фидес, во пролетта 2024 година покрена политичко движење против естаблишментот. За само неколку месеци неговата партија Тиса се изедначи со Фидес во истражувањата на јавното мислење, а сега има и предност од десет до дванаесет проценти. За владејачка партија што од 2010 година немала сериозен противник, ова претставува егзистенцијална закана.

Фидес не е само владејачка партија, туку револуционерна политичка сила, која систематски ги користеше институциите и јавните ресурси за преобликување на унгарската држава. Во текот на изминатата деценија, Орбан вложи десетици милиони евра во изградба на глобална нелиберална мрежа, со себе во нејзиниот центар. Губењето на власта во Унгарија би значело губење на тој исклучителен извор на влијание. Едноставно кажано – тој не може да си дозволи пораз.

Кога Петер Маѓар се појави како предизвикувач во почетокот на 2024 година, власта реагираше со веќе познати методи и речиси веднаш започна кампања на оцрнување. За разлика од претходните опозициски политичари, Маѓар, меѓутоа, се покажа исклучително отпорен. Неговиот борбен стил, издржливост и способност да ги поднесе нападите му овозможија да го обедини дотогаш расцепканото опозициско гласачко тело и да им понуди на граѓаните веродостојна алтернатива на постојниот поредок. Неговиот успех има и тактичка димензија. Тој презеде елементи од популистичката комуникација на Фидес, симболичкиот јазик и политичките техники.

Орбан брзо ја препозна заканата што ја претставува Маѓар и премина во целосен предизборен режим. Во текот на последните осумнаесет месеци, Фидес двапати ги менуваше изборните закони. Прво беше укината горната граница за трошоците на кампањата. Оваа промена далеку најмногу ѝ оди во прилог на владејачката партија, која во практика функционира како продолжена рака на државата. Набргу потоа, власта ги прецрта границите на повеќе од една третина од изборните единици, при што опозициските упоришта беа несразмерно погодени.

Прелиминарните модели на новиот изборен систем укажуваат на изразена асиметрија: на опозициската партија би ѝ биле потребни околу 55 проценти од гласовите за да освои просто парламентарно мнозинство, додека Фидес би можел да освои уставно двотретинско мнозинство со само 45 проценти од гласовите.

Покрај тоа, власта повторно посегна по купување изборна поддршка преку обемни финансиски мерки насочени кон гласачки групи што сака да ги задржи или повторно да ги придобие, пред сè средната класа. Меѓу нив се субвенционирани станбени кредити, зголемување на платите за наставниците, даночни олеснувања за жените со повеќе деца, зголемување на пензиите и еднократни бонуси за припадниците на полицијата и другите безбедносни служби.

За да ги мобилизира политички помалку ангажираните гласачи, партијата се сврте кон поагресивни тактики. Од 2010 година, Фидес изгради огромен партиски медиумски екосистем, дополнително зајакнат со високо координирана мрежа на социјалните мрежи. Во срцето на тој систем се наоѓа Националната канцеларија за комуникации, под надзор на министер од кабинетот на премиерот. Таа не само што ги осмислува политичките пораки, туку и ги контролира рекламните буџети на околу 1.500 државни институции што се обврзани да ја користат нејзината платформа. Од 2015 година, оваа канцеларија има потрошено околу четири милијарди евра на различни комуникациски кампањи.

Поради неодамнешните ограничувања на политичкото огласување на големите социјални мрежи, Фидес значително вложи во полуорганизиран онлајн-активизам. Формирани се нови структури како Фајт клуб и Дигиталните граѓански кругови, како и раскошни кампови за обука на илјадници партиски приврзаници, заради интензивно споделување пораки од кампањите за оцрнување. Главниот дигитален продуцент на содржини на Фидес, организацијата Мегафон, наводно во 2024 година располагала со буџет од 14,5 милиони евра, за кој се тврди дека потекнува од јавни средства.

Актери блиски до власта користат и алатки на вештачката интелигенција за создавање алтернативна информативна стварност. Во септември, еден провладин медиум објави документ од 600 страници, претставен како официјална програма на опозициската партија. И покрај брзиот демант од партијата Тиса и сериозните показатели дека текстот е генериран со помош на вештачка интелигенција, самата влада организираше национални консултации против наводниот „Тисин данок“, испраќајќи манипулативни прашалници во секое домаќинство. Орбан лично ја претстави оваа акција како избор меѓу наводното зголемување на даноците што би го вовела Тиса и „семејниот, унгарски пат“ на Фидес.

Мрежи од лажни профили генерирани со вештачка интелигенција произведуваат огромни количества фабрикувани и нерегулирани слики и видеоснимки што ги промовираат наративите на власта.

Дигиталната кампања силно турка теорија на заговор што ги поврзува надворешните и внатрешните непријатели: украинскиот претседател Володимир Зеленски се прикажува како олицетворение на војната и странскиот притисок, додека Маѓар се претставува како негов домашен застапник. Провладините медиуми и билбордите се преплавени со антиукраински пораки, вклучувајќи и видеоснимки генерирани со вештачка интелигенција со апокалиптични сцени на војна и криминал, економски колапс и враќање на унгарски војници дома во ковчези.

Маѓар на овој дигитален напад му се спротивставува со исклучително подвижна и видлива теренска кампања, обиколувајќи села и градејќи посветена база на поддржувачи.

Во мнозински изборен систем, при екстремна политичка поларизација, исходот на крај ќе го одлучат само неколку стотини илјади гласачи. Последните денови од кампањата веројатно ќе бидат бурни. Посети на меѓународни сојузници на Орбан, скандали поврзани со новоименувани кандидати, провокации и странско мешање – сето тоа се реални сценарија.

Во текот на повеќе од дваесет години, Фидес се покажа како предводник во користењето иновативни правни трикови и манипулации во политичките кампањи. Сега, кога влоговите се повисоки од кога било, Орбан веќе поставува нови преседани во областа на изборната манипулација што Европа мора внимателно да ги следи.

Жужана Селењи е основачка и директорка на Академијата за лидерски студии при Институтот за демократија на Централноевропскиот универзитет, како и поранешна пратеничка во унгарскиот парламент. Текстот е преземен од порталот carnegieendowment.org

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ