„Брисел легна во кревет со Украина и би ги жртвувал унгарските семејства и унгарската економија за да продолжи да ја поддржува Украина. Ви благодариме, ние не го бараме тоа! За нас, не Украина, туку Унгарија е на прво место!“, изјави Орбан во видео објавено на неговата страница на социјалните мрежи, пренесува Хирадо.
Орбан за време на паузата на владиниот состанок во среда рече дека разговарале како да се спречи повторното зголемување на цените на енергијата.
„Брисел планира да го забрани увозот на руска нафта и руски гас во Унгарија. Руско-украинската војна и погрешните санкции веќе доведоа до вртоглаво зголемување на цените на европските енергенти, а покрај тоа, оптоварени сме и со воената ситуација на Блискиот Исток. Затоа, иднината на индустријата на европските земји е во опасност“, нагласи премиерот.
Според него, со оглед на моменталната меѓународна ситуација, би било крајно неодговорно да се воведат дополнителни ограничувања на евтините руски извори на енергија.
„Од перспектива на европската индустрија, европските компании и европските семејства, нема оправдување да се исклучиме од можноста за евтина набавка на енергија“, рече тој.
Орбан нагласи дека е вистина дека бирократите во Брисел имаат само една причина – сакаат да ја продолжат војната во Украина.
„Веќе повлековме рачна сопирачка еднаш во Брисел на почетокот на неделата, но бирократите во Брисел не се откажуваат и излегоа со нови планови. Ќе развиеме соодветни контрамерки“, рече унгарскиот премиер.