сабота, 12 јули 2025

Новата улога на Германија во одбраната на НАТО

Улогата на Германија во одбранбената стратегија на НАТО значително се промени од 1990-тите: тогаш, Западна Германија беше земјата што директно се граничеше со Варшавскиот пакт. Во случај на напад од исток, тогаш Западна Германија би била првата на удар. Германската армија (Бундесвер) и сојузниците би се обиделе да ги потиснат на територијата на Западна Германија трупите на Варшавскиот пакт, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Денес, позицијата на Германија е поинаква: на исток има земји како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија и балтичките држави. Сите тие во меѓувреме се приклучија на НАТО. Во оваа проширена област на НАТО, Германија повеќе не е на потенцијалната линија на разграничување, туку во средината.

Нова улога како база за снабдување

Во случај на евентуален напад од страна на Русија, бојното поле, по сè изгледа, би се наоѓало источно од Германија – на територијата на новите членки на НАТО кои имаат директна граница со Русија или нејзиниот сојузник Белорусија. Оттука произлегува новата улога на Германија како база за снабдување.

Бригадниот генерал и командант на Покраинската команда на Баварија, Томас Хамбах, го формулира тоа вака: „Основната задача на Сојузната Република во рамките на НАТО е распоредувањето и снабдувањето за функционирање“. Германија би требало да функционира како логистички центар на НАТО, истакнува Хамбах.

Голем дел од протокот на снабдување од Соединетите Американски Држави, јужна и западна Европа се среќаваат на германска територија и оттаму се дистрибуираат понатаму кон боиштата.

„Оперативен план Германија“

Германската федерална влада и Бундесверот реагираа на оваа нова улога со „Оперативниот план Германија“ – стратегиски план за вонредна состојба. Голем дел од тој план е таен, но некои клучни елементи се објавени: војници, оружје, муниција и залихи – сето тоа мора да бидат подготвено, сместено или претоварено. Во вистинско време, сè потоа се испраќа понатаму на фронтот на исток. Принципот не е различен од оној на цивилна шпедитерска компанија – само во значително поголем обем.

Исто така, има и проток кој оди во спротивна насока: бегалци, ранети и мртви тела и оштетена воена опрема мора да бидат транспортирани назад во Германија. Сè на сè, тоа е огромен логистички потфат што една армија сама не може да го совлада.

Сите се поканети

Во случај на нужда, сите можат да бидат вклучени: хуманитарни организации, волонтери, компании, цивилно население. Во пракса, Бундесверот веќе преговара со хуманитарни организации и приватни даватели на услуги. На пример за привремени локации за трупи во транзит: една приватна фирма има налог да набави и да ја одржува опремата подготвена за 17 такви места за одмор. Строго е доверливо каде би се наоѓале овие места за одмор во случај на вонредна состојба, за да не може непријателот лесно да ги нападне.

А хуманитарни организации како што се Црвениот крст или Малтешкиот ред се во разговори со Бундесверот. Нивната задача е, на пример, њ да се грижат за бегалците од воените зони или да ги распоредат ранетите војници во болниците.

Не им се допаѓа тоа на сите хуманитарци, забележува Мартин Шелеис, федерален комесар на Малтешкиот ред за отпорност на кризи. Тој вели: „Постојат многу критички гласови кои се пацифистички“. И веднаш додава: „Но, многу од оние кои, на пример, дојдоа во Малтешкиот ред како цивилни регрути, немаат ништо против соработката со Бундесверот. Има и такви кои дури велат: денес тоа го гледам сосема поинаку.“

Фокусот не е само на логистиката

Логистиката е важна, но не е единствената содржина на „Оперативниот план Германија“. Овој план, исто така, ја регулира сајбер безбедноста и користењето на резервниот персонал. Покрај тоа, оперативниот план постојано се развива.

Но, суштината останува иста: станува збор за целосна одбрана на воено и цивилно ниво. Во случај на вонредна состојба, сите граѓани на Германија – како и на другите земји членки на НАТО – мора да помогнат, како што е предвидено со „Оперативниот план Германија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ