Пристигнувањето на брачниот пар Морети пред обвинителството во Сион се претвори во жестока сцена, пренесува Ле Фигаро.
Група роднини на жртвите ги чекаа сопствениците на локалот „Констеласион“ во Кран-Монтана утрово, пред Џесика Морети да биде сослушана од адвокатите на оштетените страни.
Одекнуваа повици и плач: „Ги убивте нашите деца!“, „Погледнете ме во очи, го убивте мојот брат“.
Соочена со солзите на Џесика Морети, една од присутните жени извика:
„Престани да се преправаш, погледни ме!“

Видно затечени од напнатата ситуација, адвокатите на обвинетите застанаа меѓу своите клиенти, семејствата и новинарите, со помош на обезбедувањето.
Еден татко му се обрати на Жак Морети, барајќи од него да „преземе одговорност“.
„Ќе преземеме одговорност“, вети сопственикот на барот што изгоре на 31 декември минатата година, при што загинаа 41 лице, а 115 беа повредени.
Додека парот се обидуваше да се пробие до влезот низ толпата, една мајка ги следеше, очајно викајќи: „Каде е син ми?“
„Ве молам, вака нема да успееме. Ние сме работници“, одговори управителот обидувајќи се да влезе во зградата, на што мајката му довика: „Ќе платите!“
Во толпата потоа се слушна: „Повикајте го вашиот пријател Ботинели“, алудирајќи на Себастијан Ботинели, пријател на Жак Морети и акционер во луксузната марка часовници Одемар Пиге.
Некои се сомневаат дека токму тој ја платил кауцијата на сопственикот, кој беше во притвор две недели.
Сепак, засега нема ниту еден фактички доказ што би ја потврдил таа претпоставка.
Во последните денови, роднините на жртвите се договорија денес да се соберат пред обвинителството во Сион.
Сакаа да ги слушнат одговорите на Џесика Морети, која била присутна ноќта на трагедијата, на прашањата на адвокатите на оштетените.
Во објава на Тикток наведоа дека сакаат да се „соочат“ со управителката на барот, пренесува извор близок до случајот за Ле Фигаро.
„Дојдете со соседите, пријателите. Дојдете во голем број. Да ги види нашите очи. Стотици погледи да бидат вперени во неа. Да ја сфати болката што ја предизвика. Многуте семејства што ги уништи“, повикаа родителите во интернет-порака.
Мајката на Тристан, тинејџер што загина во пожарот, беше меѓу собраните, наведува швајцарскиот медиум Блик.
„Мислам дека родителите треба да дојдат за да извршат притисок. Потоа сакам да ја погледнам Џесика Морети во очи. Сакам таа да погледне во очите на Тристан, затоа што јас ги имам истите очи како мојот син“, рекла таа.
Уште во средата навечер, добро информиран извор изјавил за Ле Фигаро дека стравува од тензии за време на денешното сослушување: „Може да излезе од контрола.“






