Регистарот на транспарентност на ЕУ во моментов содржи повеќе од 3.800 невладини организации, кои од Брисел добиле 7,4 милијарди евра меѓу 2021 и 2023 година и сега зависат од тие фондови.
ЕУ веќе ги известила невладините организации дека парите од грантовите не смеат повеќе да ги користат парите директно за лобирање, откако блокот десничарски партии ЕПП ја обвини Европската комисија за нелегално лобирање преку невладините организации.
Карлота Бесоци, директор на Сицил сосаети Јуроп, смета дека станува збор за „непријателство кон цивилното општество“ од страна на „крајната десница“ која на минатогодишните избори доби голем број места во Европскиот парламент.
Ако се укинат грантовите за невладините организации, „само богатите ќе имаат прилика да се слушне нивниот глас на ниво на ЕУ“, вели Бесоци, и додава дека тоа „ќе го спречат цивилното општество и независните медиуми кои ги повикуваат институциите на ЕУ на одговорност и се борат против корупцијата“.
Николас Ајоса, директор на Транспаренси интернешнал за ЕУ, ја опишува моменталната ситуација како „напад на невладините организации инспириран од (американскиот претседател Доналд) Трамп“.
Трамп со помош на Илон Маск и неговиот Оддел за ефикасност на владата веќе ја згасна УСАИД и сопре грантови вредни стотици милијарди долари за разни невладини организации низ светот.
„Крајната десница и некои од ЕПП се охрабрени од потезите на Трамп и Маск и јасно е дека конечната цел на оваа клеветничка кампања е дефинансирање на НВО“, вели Ајоса за Политико.
Моменталните преговори за новиот буџет во ЕУ навестуваат дека фондовите за „климатска акција“ или социолошки истражувања би можеле да се пренасочат кон индустријализација и воено производство, што се новите приоритети на Брисел. Ова жестоко би погодило некои невладини организации, кои повеќе од половина од своите средства ги добиваат од грантови од Брисел.
Некои невладини организации веќе останале без пари. Група од 28 организации кои се бават со здравјето ѝ пишале панично на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лаен минатата недела, откако им било кажано оваа година да не очекуваат никакви грантови. Во меѓувреме, наведува Политико,. Некои еколошки невладини организации морале да ги преформулираат барањата за финансирање и од нив да исфрлат секакво спомнување на лобирање.
„Ние не подготвуваме никаква револуција која би престанала да ги финансира НВО“, вели европарламентарецот Томаш Здеховски од Чешка.
Според Здеховски, кој ги предводи преговарачите на ЕПП во буџетскиот одбор, овој блок се залага за „отворен дијалог за тоа што можеме заедно да направиме да ја зголемиме транспарентноста“. Тој смета дека многу невладини организации работат одлична работа и дека ЕПП има проблем со „конкретни примери“ на некои дваесетина организации кои можеби проневериле некои средства.