По соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад и враќањето на голем број Сиријци во своите домови, вкупниот број на присилно раселени лица низ целиот свет малку се намали од рекордот поставен во 2024 година, соопштија ОН.
На крајот на 2024 година, рекордни 123,2 милиони луѓе низ целиот свет беа принудени да ги напуштат своите домови поради војна, насилство или прогон.
Но, до крајот на април, тој број падна на 122,1 милиони, според годишниот извештај на УНХЦР, бидејќи речиси два милиони Сиријци успеаја да се вратат во своите домови.
Сепак, продолжувањето на овој тренд во голема мера ќе зависи од исходот на големите конфликти и кризи со кои се соочува светот во моментов, кои принудија многу луѓе да ги напуштат своите домови.
„Живееме во време на голема нестабилност во меѓународните односи, во кое модерното војување создава кревка и тешка средина која се карактеризира со постојано човечко страдање“, рече високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.
„Мора да ги удвоиме нашите напори за постигнување мир и да најдеме трајни решенија за бегалците и сите други кои се принудени да ги напуштат своите домови“, особено бидејќи финансирањето пресушува, а не само поради ненадејното повлекување на хуманитарната помош од страна на САД.
Главните виновници за присилното раселување остануваат големите глобални конфликти: Судан, Мјанмар, Украина.
По тринаесетгодишната граѓанска војна во Сирија и падот на Башар ал-Асад во декември 2024 година, во првите месеци од оваа година, сè поголем број Сиријци постепено почнаа да се враќаат дома. Се проценува дека повеќе од 500.000 се вратиле дома од странство од средината на мај, додека околу 1,2 милиони внатрешно раселени лица се вратиле во своите домови од крајот на ноември.
Според агенцијата на ОН, до крајот на 2025 година, 1,5 милиони Сиријци би можеле да се вратат дома од странство, а уште 2 милиони внатрешно раселени лица би можеле да се вратат во своите домови.
Судан, каде што беснее граѓанска војна од средината на април 2023 година, а хуманитарната и кризата со недостаток на храна принудија милиони луѓе да ги напуштат своите домови, сега е земја со најголем број на присилно раселени лица – 14,3 милиони.
И покрај враќањето на Сиријците, 13,5 милиони луѓе сè уште се бегалци во странство или се внатрешно раселени, по што следуваат Авганистан (10,3 милиони) и Украина (8,8 милиони). Мирот или барем прекинот на огнот, особено во Демократска Република Конго, Судан и Украина, би можел да направи значителна разлика.
Но, тука е и прашањето за финансирањето, кое мора да биде доволно за да им се гарантира на сите „безбедно и достоинствено“ враќање, но ОН, како и многу други хуманитарни организации, се соочува со голема финансиска криза.
САД, убедливо најголемиот донатор, сега често е отсутен од програмите за финансирање, а многу други земји имаат други приоритети.
На крајот од минатата година, секое 67 лице во светот беше класифицирано како присилно раселено лице, што се дури 123,2 милиони луѓе.
Ова вклучува 73,5 милиони внатрешно раселени лица, како и 31 милион бегалци под мандат на УНХЦР.
Вкупно 9,8 милиони присилно раселени лица се вратија дома во 2024 година. Меѓу нив се 1,6 милиони бегалци, што е најголем број во повеќе од дваесет години.