Ова е најновиот потег во низата мерки за сузбивање на нерегуларната миграција од страна на нејзината крајно десничарска влада, кои вклучуваат построг однос кон хуманитарните спасувачки бродови, построги затворски казни за шверцерите на луѓе и планови за забрзана репатријација, пишува Гардијан.
Според законот, кој допрва треба да биде одобрен од двата дома на парламентот, италијанските власти би имале овластување да им забранат на бродовите да влегуваат во територијалните води а период до 30 дена. Оваа мерка би можела да се продолжи до шест месеци во ситуации на „сериозна закана за јавниот ред или националната безбедност“, како што е тероризмот.
Потегот следува по неодамнешната силна бура во Медитеранот, за време на која се стравува дека стотици луѓе загинале преминувајќи од Северна Африка. Законот, исто така, ги овластува властите да воведат блокада за време на периоди на драматично зголемување на пристигнувањата на бродови.
На оние што ќе ги прекршат правилата им се закануваат казни до 50.000 евра, а во случај на повторени прекршувања, нивните бродови би можеле да бидат конфискувани, што е мерка насочена првенствено кон бродовите за спасување. Во такви случаи, патниците од бродот би можеле да бидат транспортирани во земји различни од нивните матични земји, со кои Италија има посебни договори за репатријација.
Оваа недела Европскиот парламент одобри измени во правилата на Европската Унија за азил, реагирајќи на притисокот од земјите-членки, вклучително и Италија, која побара построг пристап. Во видео порака на социјалните медиуми Мелони кажа дека законодавството вклучува и мерки за забрзување на депортацијата на лица осудени за кривични дела и ги проширува случаите кои можат да доведат до депортација, како на пример ако странец нападне полицаец или е обвинет за ропство или семејно насилство. „Ако сакате да живеете тука, мора да ги почитувате италијанските закони“, порача Мелони.
Според податоците од италијанското Министерство за внатрешни работи, минатата година на италијанските брегови со брод пристигнале 66.296 луѓе, што е мало намалување во споредба со претходната година, но приближно половина од бројот на пристигнувања регистрирани во 2023 година. Намалувањето се случи откако италијанската влада ги засили напорите и склучи договори со Либија и Тунис за запирање на мигрантите.
„На сите оние кои рекоа дека е невозможно, сакам да кажам дека ништо не е навистина невозможно за оние кои се решени да направат нешто. И ние сме решени да ја гарантираме безбедноста на нашите граници и на нашите граѓани и ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да го обезбедиме тоа“, заклучи Мелони.






