„Курск беше цел на масовен непријателски напад во текот на ноќта“, соопшти управата на регионот Курск во објава на апликацијата Телеграм.
Вршителот на должноста градоначалник на Курск, Сергеј Котљаров, изјави дека во нападот е оштетена висококатница, каде во пожар биле зафатени неколку станови. Жителите се евакуирани и сместени во блиското училиште, додаде тој.
Беспилотни летала погодиле и гаража за брза помош при што биле оштетени 11 возила, соопшти регионалната администрација, пренесува Ројтерс.
Иако сѐ уште не е познат точниот обем на нападот, руските телеграмски канали База и ШОТ, кои често објавуваат информации од безбедносни и полициски извори, пренесуваат дека градот го потресле повеќе од 20 експлозии. Објавени се и фотографии на кои се гледа пожар во повеќекатница во текот на ноќта.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди наводите, немаше официјален коментар од Украина. Двете страни во војната – која трае повеќе од три години откако Русија ја нападна Украина – негираат дека целеле цивили.
Украинските војници, кои неодамна извршија упад преку границата во регионот Курск, каде што се наоѓа истоимениот град, сè уште држат одредени делови од територијата, иако руските сили вратија дел од загубените позиции.
Нападот на Курск доаѓа по рускиот ракетен и воздушен напад врз украинскиот град Суми за време на викендот, во кој загинаа 35 лица, најмалку 119 беа повредени.