понеделник, 14 јули 2025

Макрон во Гренланд го критикува Трамп: „Ова не се прави меѓу сојузници“

Францускиот претседател Емануел Макрон ја критикуваше желбата на Доналд Трамп да го анектира Гренланд и нагласи „европска солидарност“ со автономната данска територија за време на посетата на арктичкиот остров.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Макрон е првиот странски шеф на држава што стапнал на територијата на Гренланд по заканите на Трамп за анексија. Тој пристигна во Нук околу 11:20 часот по локално време. Десетици жители на Гренланд го пречекаа мавтајќи со гренландски знамиња.

„Дојдов тука за да ја изразам солидарноста на Франција и Европската Унија кога станува збор за суверенитетот и територијалниот интегритет на оваа територија и да разговарам за предизвиците со кои се соочува, а тоа се економскиот раст, климатската криза и образованието“, рече Макрон во присуство на данската премиерка Мете Фредериксен и гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен. Тој им рече на новинарите дека не се согласува со желбата на Доналд Трамп да ја анектира автономната територија, нагласувајќи дека „ова не се прави меѓу сојузници“.

Макрон ја започна својата посета на Гренланд со посета на данска фрегата, а потоа се сретна со данските и гренландските лидери. Данската премиерка ја поздрави оваа „конкретна демонстрација на европското единство“. Посетата на хидроцентрала финансирана од Европската Унија мораше да се откаже поради лоши временски услови.

Францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро во неделата за радио РТЛ, кога беше прашан за посетата на Макрон, одговори дека Гренланд е европска територија и дека е нормално Европа и Франција да го покажат својот интерес.

Добредојдето на францускиот претседател е дијаметрално спротивно на пречекот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на 28 март, кој беше принуден да ја ограничи посетата на американската воена база во Питуфик, соочен со политичко и јавно негодување поради посетата.

Населението на Гренланд го чинат 57.000 луѓе, претежно Инуити. Тие отфрлаат каква било можност да станат дел од Америка, а Данска, исто така, истакнува дека Гренланд „не е на продажба“.

За време на посетата на Гренланд, Џеј Ди Венс ја обвини Данска дека „не работи добро за луѓето од Гренланд“, особено кога станува збор за економски прашања, и дека „не ја гарантира нивната безбедност“.

Соочена со притисок од сите страни, Данска објави дека ќе издвои две милијарди евра за зајакнување на безбедноста на Арктикот, а НАТО ќе воспостави Центар за команда и контрола на воздушните операции во Норвешка над Арктичкиот круг, додека Русија се стреми да ја консолидира својата воена моќ во регионот.

Неколку дена пред посетата на Макрон, два француски воени брода пловеа северно од Гренланд за да се запознаат со операциите на Арктикот. Доколку времето дозволува, Макрон лично ќе биде сведок на сè помоќното влијание на глобалното затоплување врз глечерот на планината Нунатарсукак, која се наоѓа триесетина километри од Нуук.

Помеѓу 15 и 21 мај, мразот во Гренланд се топеше 17 пати побрзо од историскиот просек, што е резултат на рекорден топлотен бран.

Франција има намера да „реинвестира значително во знаењето за овие екосистеми“, следејќи го примерот на истражувачот Пол-Емил Виктор, кој помина неколку експедиции на островот, истакна Елисејската палата.

Гренландските власти неодамна го класифицираа неговото засолниште – Базниот камп на француските поларни експедиции, изграден во 1950 година во заливот Кервен на север – како историска градба.

За разлика од Данска, Гренланд не е дел од Европската Унија, но е вклучен во списокот на прекуокеански територии поврзани со ЕУ.

„Ова ќе биде можност да се разговара за најдобрата можна архитектура, најдобрата можна локација и најдобриот можен план за соработка меѓу Европската Унија и Гренланд“, се вели во соопштението за медиумите од Елисејската палата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ