Тој во интервју за Ројтерс изјави дека Бразил нема планови да воведе реципрочни царини, ниту пак неговата влада ќе се откаже од разговорите на ниво на министри. Сепак, самиот Лула не брза да се јави во Белата куќа.
„Денот кога мојата интуиција ќе ми каже дека Трамп е подготвен да разговара, нема да се двоумам да го повикам“, изјави Лула за британската новинска агенција од својата претседателска резиденција во Бразилија. „Но, денес мојата интуиција ми кажува дека тој не сака да разговара. А јас нема да се понижувам себеси“.
Иако бразилскиот извоз сега е предмет на некои од највисоките царини што ги воведе Трамп, новите американски трговски бариери веројатно нема да ја извадат од колосек најголемата економија во Латинска Америка, што му дава на Лула повеќе простор да истрае во својот став кон Трамп отколку повеќето западни лидери, пишува Ројтерс.
Лула рече дека односите меѓу САД и Бразил се на „најниската точка во последните 200 години“ откако Трамп ги поврза новите царини со своите барања да се прекине кривичното гонење на десничарскиот поранешен претседател Жаир Болсонаро, кој е на судење за заговор за поништување на резултатите од изборите во 2022 година.
Претседателот рече дека Врховниот суд на Бразил, кој го води случајот против Болсонаро, „не го интересира што вели Трамп, ниту пак треба“, додавајќи дека Болсонаро треба да биде одговорен и за провоцирањето интервенција од Трамп, нарекувајќи го десничарскиот поранешен претседател „предавник на татковината“.
„Веќе ја простивме американската интервенција во државниот удар во 1964 година“, рече Лула, кој ја започна својата политичка кариера како синдикален лидер протестирајќи против воената власт што следеше по соборувањето на демократски избраниот претседател со поддршка на САД.
„Но, ова сега не е мала интервенција. Ова е претседателот на Соединетите Американски Држави кој мисли дека може да диктира правила на суверена земја како што е Бразил. Тоа е неприфатливо.“
Бразилскиот претседател рече дека нема личен проблем со Трамп, додавајќи дека би можеле да се сретнат на Генералното собрание на Обединетите нации следниот месец или на самитот на ОН за климата во ноември. Но, тој потсети на тенденцијата на Трамп јавно да ги понижува гостите во Белата куќа, како што се јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Она што Трамп му го направи на Зеленски беше понижувачки. Тоа не е нормално. Она што му го направи на Рамафоса беше понижувачки“, рече Лула. „Еден претседател не може да понижува друг. Ги почитувам сите и барам почит.“
Лула рече дека неговите министри се борат да воспостават дијалог со своите американски колеги, а неговата влада во моментов се фокусира на домашните политики за ублажување на економскиот удар од американските царини, а воедно одржување на „фискалната одговорност“.
Претседателот одби да објасни повеќе за мерките што се подготвуваат за поддршка на бразилските компании, за кои се очекува да вклучуваат кредитни линии и друга помош за извоз.
Тој исто така рече дека планира да контактира со лидерите на земјите од БРИКС, почнувајќи од Индија и Кина, за да разговараат за можен заеднички одговор на американските царини.
„Сè уште нема координација меѓу членките на БРИКС, но ќе има“, рече Лула, споредувајќи го мултилатералното дејствување со моќта на колективното преговарање од своите синдикални денови. „Каква моќ за преговарање има една мала земја против Соединетите Американски Држави? Никаква.“
Тој исто така рече дека Бразил размислува да поднесе колективна тужба со други земји во Светската трговска организација (СТО).
„Роден сум за преговори“, рече Лула, кој пораснал во сиромаштија, се издигнал преку синдикалното движење и бил претседател на Бразил во два мандата, од 2003 до 2010 година. Се вратил во политиката во 2022 година и го победил тогашниот претседател Болсонаро.
Но, тој рече дека не брза да постигне договор или да возврати на американските царини: „Мора да бидеме многу внимателни“, рече тој.
Запрашан за контрамерки за американските компании, како што е зголеменото оданочување на големите технолошки фирми, Лула рече дека неговата влада разгледува начини да ги оданочи американските компании под исти услови како и бразилските.
Лула, исто така, ги истакна плановите за воспоставување нова национална политика во врска со стратешките минерални ресурси на Бразил, третирајќи ги како прашање на „национален суверенитет“, со цел да се прекине досегашната практика на извоз на минерали без значајна додадена вредност за земјата.






