петок, 13 февруари 2026

Лидер на здравствена организација: Движењата против вакцинацијата се закана

Вакцините се прашање од национална безбедност, изјави оваа недела лидерот на здравствената организација ЦЕПИ, Ричард Хачет, предупредувајќи дека растот на движењето против вакцинација низ целиот свет може да ги загрози напорите за борба против идните пандемии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Епидемиите и пандемиите остануваат голема закана на светско ниво, рече Хачет, лидер на Коалицијата за иновации во областа за подготвеност на епидемии (ЦЕПИ), организација на држави и добротворни организации која во јануари 2020 година беше меѓу првите што започнаа со финансирање на развојот на вакцина против ковид-19.

„Ова е безбедносно прашање, а не само развоен проблем или прашање од јавното здравје“, нагласи функционерот. На организацијата ќе ѝ бидат потребни 3,6 милијарди долари за да ја финансира својата работа од 2027 до 2031 година, рече Хачет.

ЦЕПИ веќе има 1,1 милијарда долари во својата каса и сака да го надополни својот буџет со дополнителни 2,5 милијарди долари за да го забрза развојот на вакцини против болести што би можеле да резултираат со пандемии или епидемии.

Заканите за кои ЦЕПИ подготвува одбрана вклучуваат вируси кои природно се појавуваат, лабораториски несреќи и ризик од биолошки закани кои намерно ги развиваат злонамерни актери, истакна шефот на организацијата.

Брзиот напредок на вештачката интелигенција е меч со две острици, рече тој, бидејќи истовремено може да им помогне на оние што развиваат биолошки закани и на оние што работат на нивно сузбивање.

Владите одговорија на пораките на ЦЕПИ, дури и кога сеќавањата на пандемијата избледија, додека подготвеноста на државите да ја финансираат организацијата се намали, рече Хачет, истакнувајќи дека богатите земји, предводени од САД, ја намалија финансиската помош.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп целосно го прекина финансирањето на Гави, кој им помага на најсиромашните земји во светот да купат вакцини, забележува Ројтерс, а американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор е долгогодишен поддржувач на движењето против вакцинација.

„Загрижен сум за политизацијата на политиката за вакцинирање во Соединетите Американски Држави“, рече Хачет, додавајќи дека ширењето на движењето против вакцинација може да го намали разбирањето за идните пандемии.

Минатата година, САД откажаа повеќе од 700 милиони долари финансирање на истражување за мРНА вакцина против птичји грип наменет за луѓе од фармацевтската компанија Модерна. Поддршка за развојот на оваа вакцина во подоцнежната фаза компанијата доби од ЦЕПИ, кој ѝ додели 54,3 милиони долари во декември.

Вашингтон ја разбира заканата што ја претставуваат епидемиите и пандемиите за светот, рече Хачет, додавајќи дека очекува американската влада да остане важен партнер на организацијата.

САД продолжија да соработуваат со ЦЕПИ под водство на претседателот Трамп, приклучувајќи се кон одговорот на организацијата на неодамнешните епидемии на смртоносниот вирус Марбург во Руанда и Етиопија, рече тој. Шефот на ЦЕПИ ќе отпатува во САД на разговори во наредните недели, додаде Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ