Американскиот претседател Доналд Трамп, кој сака да биде запаметен како миротворец, повеќе пати кажа дека сака да го оконча крвопролевањето во тригодишната војна во Украина, иако договор допрва треба да се постигне. „Не е лесно да се договорат клучните компоненти на решението. За нив се расправа“, одговори Лавров во интервју за весникот Комерсант на новинарското прашање дали Москва и Вашингтон постигнале договор за некои аспекти од можниот мировен договор.
„Многу добро знаеме како изгледа обострано корисен договор, кој никогаш не сме го одбиле и како изгледа договор кој би можел да нè одведе во уште една замка“, кажа Лавров. Кремљ пред три дена порача дека е прерано да се очекуваат резултати од обновата на односите со Вашингтон.
Лавров кажа дека рускиот претседател Владимир Путин јасно го изнесе рускиот став во јуни 2024, кога побара Украина официјално да се откаже од своите НАТО амбиции и да ги повлече своите трупи од територијата на четирите украински региони кои Русија ги анектираше.
„Зборуваме за правата на луѓето кои живеат на овие подрачја, на оваа земја. Тие ни се драги и не можеме да се откажеме од нив, дозволувајќи луѓето да бидат исфрлени од таму“, кажа Лавров. Русија во моментов контролира околу петтина од Украина, вклучувајќи го Крим.
Лавров го пофали „здравиот разум“ на американскиот претседател Доналд Трамп и мислењето според кое поддршката на САД на украинското настојување да се придружи на западниот воен пакт била главната причина за војната во Украина. тој кажа и дека руската политичка елита нема да прифати никакви потези кои водат назад кон економска, воена, технолошка или земјоделска зависност од Западот.
„Што се однесува до американската страна, веќе забележавме дека, за разлика од Европејците, кои, не можејќи да најдам друг збор, се збеснати, пред сè мислам на раководството на Франција, Британија, балтичките држави и уште некои членки на ЕУ и НАТО, за разлика од нив, администрацијата на Трамп се обидува да навлезе подлабоко во проблемот“, кажа Лавров.
Глобализацијата на светското раководство, кажа Лавров, е уништена со санкциите кои администрацијата на бившиот американски претседател Џо Бајден им ги воведе на Русија, Кина и Иран. Војната на Русија во Украина се толкува како дел од војната со Западот, кој, како што смета шефот на руската дипломатија, ја понижил Русија откако во 1989 година падна Берлинскиот ѕид, а НАТО се прошири на исток и навлегува во она што се смета за сфера на влијание на Москва.