вторник, 20 мај 2025

Лавров: Признавањето на четирите региони за руски е императив

Русија објави дека е спремна да води преговори со Украина „без какви било предуслови“, но речиси истовремено рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров постави низа јасни барања кои покажуваат дека Москва сепак има услови за преговорите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според извештајот на Франс прес, руските државни медиуми објавија дека Кремљ е спремен за дијалог со Киев без однапред поставени услови, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изрази сомнеж во волјата на рускиот претседател Владимир Путин за окончување на војната во Украина.

Меѓутоа, во изјава за бразилскиот весник О глобо, Лавров истакна дека меѓународното признавање на руската сопственост над петте украински региони – Крим, Доњецката, Луганската, Херсонската и Запорошката област – претставува императив за преговорите за окончување на конфликтот.

„Меѓународното признавање на руската сопственост над Крим со Севастопол, Народна република Доњецк, Народна Република Луганск, Херсон и Запорожје е императив“, кажа Лавров за окупираните украински територии.

Шефот на руската дипломатија порача и дека топката сега не е кај нив, имплицирајќи дека Киев има одговорност да направи отстапки за да мрднат преговорите од мртва точка.

Изјавата доаѓа во момент кога расте притисокот врз Украина по предлогот на администрацијата на Трамп за мировен договор кој би вклучувал замрзнување на фронтот и фактичко признавање на руската контрола над делови од украинската територија, вклучувајќи го Крим.

Киев засега одбива какви било територијални отстапки, истакнувајќи дека територијалниот интегритет на Украина мора целосно да се почитува, во согласност со меѓународното право. Сепак, тие навестија дека „привремено отстапување“ на териториите би било можно, но без правни обврски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ