Агенцијата, повикувајќи се на три извори запознаени со размислувањето на највисоко ниво во Кремљ, минатата недела објави дека рускиот претседател Владимир Путин бара Украина да го предаде целиот источен регион Донбас, да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО, да остане неутрална и да спречи присуство на западни трупи во земјата.
Во интервју за американската Ен-би-си њуз, Лавров изјави дека Путин и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, разговарале за прашањето за безбедносните гаранции за Украина и дека Путин повторно го покренал прашањето за неуспешните преговори во Истанбул од 2022 година.
Во тие преговори, Русија и Украина разговараа за трајната неутралност на Украина во замена за безбедносни гаранции од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации – Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД – како и други земји, според нацрт-договор до кој Ројтерс имаше увид во 2022 година.
Лавров за Ен-би-си изјави дека групата, која вклучува членови на Советот за безбедност на ОН, треба да ја гарантира безбедноста на Украина. Според него, групата би можела да ги вклучи Германија и Турција, како и други земји.
„Гарантите би ја гарантирале безбедноста на Украина, која мора да биде неутрална, која мора да биде воено неврзана и која мора да биде ненуклеарна“, изјави Лавров, според транскриптот од интервјуто објавен од руското Министерство за надворешни работи.
Лавров, исто така, јасно стави до знаење дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо за Русија, дека Русија бара заштита на населението што зборува руски јазик во Украина и дека постои територијално прашање за кое треба да се разговара со Украина.






