вторник, 15 јули 2025

Кремљ за крајот на војната: Не треба да се очекуваат одлуки наскоро

Кремљ денеска објави дека ангажманот во обидот да се постигне решение за прекин на војната во Украина е исклучително сложен и дека би било погрешно да се очекуваат какви било брзи одлуки, но дека се чека реакцијата на Украина на претставените руски предлози.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Кремљ го соопшти ова откако Русија вчера ѝ соопшти на Украина, за време на мировните преговори во Турција, дека ќе се согласи на прекин на огнот само ако Киев се откаже од дел од територијата и прифати ограничувања на големината на своите воени сили. Тоа се барања кои Украина досега постојано ги отфрлаше.

И покрај претходното отфрлање на ваквите предлози, Украина соопшти дека ќе помине извесно време пред официјално да ѝ одговори на Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави за новинарите дека Москва ја чека таа реакција и дека Русија ќе ги почитува договорите постигнати на преговорите во Истанбул за размена на заробеници и тела на загинати војници.

„Темата за мирно решение на конфликтот е исклучително сложена, се состои од голем број нијанси, а вчера го видовте објавениот текст на нацрт-меморандумот за мир што ѝ го предадовме на украинската страна“, изјави Песков.

„Секако, би било погрешно да се очекуваат какви било итни решенија и напредок, но ние работиме на тоа, а во Истанбул беа постигнати одредени договори и тие се важни. Договорите ќе бидат спроведени, а потоа ќе продолжиме да работиме“, рече тој.

Песков, исто така, рече дека Русија и САД сè уште не се договориле за никакви конкретни идни контакти меѓу претседателот Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, но дека Путин е подготвен за разни контакти на високо ниво доколку тие се правилно подготвени.

Но, Песков одговори на новинарско прашање дека е малку веројатно Путин, Трамп и украинскиот претседател Зеленски да одржат директни преговори во блиска иднина.

Песков одби да коментира дали Русија е подготвена да направи компромис за кој било од своите предлози за решавање на конфликтот, велејќи дека преговорите се водат зад затворени врати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ