Пристаништето Чанкај се наоѓа северно од Лима и неодамна стана главна точка на директни врски помеѓу Латинска Америка и Азија. Кинеската бродска компанија КОСКО инвестираше 1,4 милијарди долари во првата фаза од изградбата, а беше отворено во ноември од перуанската претседателка Дина Болуарте и кинескиот претседател Си Џинпинг за време на самитот на Организацијата за азиско-пацифичка соработка (АПЕК) во Лима.
Си изјави дека пристаништето со 15 докови го означува успешниот почеток на „Поморскиот пат на свилата за 21 век“, нагласувајќи дека Чанкеј е дел од кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“. Денес, повеќе од 400 контејнери со фрижидери, додатоци за домашни апарати, автоделови и друга стока произведена во Гуангдонг беа натоварени на 300-метарскиот брод КОСКО Волга, објави ЦЦТВ.
Со директна линија, бродот треба да пристигне во Перу за околу еден месец, намалувајќи ги логистичките трошоци за околу 20 проценти, според медиумот. Новата линија, исто така, ќе го скрати патувањето помеѓу Гуангжу Нанша и други латиноамерикански пристаништа, како што се Манзаниља во Мексико и Сан Антонио во Чиле.
Во Кина пак од Латинска Америка со забрзано темпо треба да пристигнат овошје и морски плодови од тихоокеанскиот јужноамерикански брег и црвено вино од Андите. Се очекува Кина да инвестира уште милијарди долари за да го развие Чанкај со Лима во голем бродски центар на рутата помеѓу Азија и Јужна Америка.
Директното поврзување на Гуангжу и Чанкај ќе му обезбеди на Пекинг пристап до латиноамериканските суровини. Чиле има најголем удел во светските резерви на бакар, според податоците од канадското Министерство за рударство, од 19 проценти. Потоа следува Перу со удел од 12 проценти. Уделот на Кина во глобалните резерви на бакар е само четири проценти.
Бакарот е клучна суровина за индустријата и се користи во широк спектар на сектори, од електроника, транспорт и индустриска опрема до хемија и медицина.
Кина е најголемиот увозник на рафиниран бакар во светот, увезувајќи 4,04 милиони тони во 2024 година, што е зголемување од 8,6 проценти во однос на 2023 година. Кинеските компании инвестираат во рудници за бакар во Перу и Демократска Република Конго (ДРК). Кина го зголеми увозот од ДРК за дури 71 процент минатата година.
Според документ од чилеанската државна рударска компанија Коделко, се очекува Чиле да го задржи своето прво место меѓу водечките светски производители до 2034 година, со удел од 27,3 проценти во глобалното производство. Перу и Демократска Република Конго ќе го задржат второто и третото место со удели од 13,6 и 10,2 проценти, соодветно.