Портпаролот на министерството Лин Џиан веднаш беше прашан за царините, на што ги обвини САД дека „ја користат трговијата како оружје за максимален притисок“ и обид за остварување „себични цели“.
„Овој потег не е само против Кина. Тоа е напад на целиот свет“, кажа Лин.
Зборувајќи за кинескиот одговор, царината од 84 отсто на американската роба, тој кажа дека станува збор за „нужни противмерки против американското злоставување“, со цел заштита на кинескиот суверенитет, меѓународната правда и заедничките интереси на светската заедница.
„Трговските војни немаат победник. Кина не ги сака, но не им се плаши“, порача Лин и додаде: „Ако САД одлучат да се борат, Кина ќе оди до крај“.
На прашањето дали Кина ќе одговори на тврдењето на Трамп дека „чека повик од Пекинг“ за почеток на преговори, Лин одговори без колебање. „Притисоците, заканите и уцените не се начин за решавање на проблеми со Кина. Ако САД сакаат да разговараат, мора да покажат став на еднаквост, почит и заемна корист“.
Повтори дека Кина не ја иницирала трговската војна, но ако е присилена, „ќе се бори до крајот“.
Зборувајќи за ефектот на американските царини на остатокот од светот, Лин кажа дека САД „ги држат другите земји за врат“ за да ги присилат на отстапки. Оцени дека тоа е облик на присилување со цел доминација над меѓународниот трговски поредок.
Во истиот контекст се осврна и на односите со Европската Унија. Тој ја пофали изјавата на шпанската влада дека ќе ги продлабочува трговските врски со Кина, и покрај американските предупредувања. Од Вашингтон претходно беше испратено предупредување до Мадрид дека приближување до Пекинг значи „сечење на сопствениот врат“.
Лин порача дека односите на Кина и Шпанија се интегрален дел од стратегиското партнерство со ЕУ.