среда, 2 април 2025

Кина е најголемата воена и сајбер закана за САД, велат шефовите на разузнавачките служби

Кина останува најголемата воена и сајбер закана за Соединетите Американски Држави, според извештајот на американските разузнавачки агенции објавен во вторникот, во кој се вели дека Пекинг прави „стабилен, но нерамномерен“ напредок во капацитетите што може да ги искористи за да го заземе Тајван.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кина има способност да ги нападне САД со конвенционално оружје, да ја загрози американската инфраструктура со сајбер напади и да ги гаѓа американски објекти во вселената, се наведува во Годишната проценка на заканата на разузнавачката заедница и се додава дека Пекинг исто така се обидува да ги истисне САД како водечка сила во вештачката интелигенција (АИ) до 2030 година.

Русија, заедно со Иран, Северна Кореја и Кина, настојува да ги предизвика САД преку смислени кампањи за да стекне предност, при што војната во Украина ѝ пружа „многу лекции во врска со борбата против западното оружје и разузнавачките податоци во војна од големи размери“, се наведува во извештајот.

Во извештајот, објавен од шефовите на разузнавачките служби на претседателот Доналд Трамп пред сведочењето пред Сенатскиот одбор за разузнавање, се наведува дека кинеската Народна ослободителна армија (НОА) најверојатно планирала да користи големи јазични модели за создавање лажни вести, имитирање поединци и овозможување мрежи на напади.

„Кинеската војска располага со напредни способности, вклучувајќи хиперсонично оружје, стелт авиони, напредни подморници, посилни способности за вселенско и сајбер војување и поголем арсенал на нуклеарно оружје“, изјави директорката на Националната разузнавачка агенција Тулси Габард. Таа го означи Пекинг како „најспособниот стратегиски конкурент на Вашингтон“.

„Кина речиси сигурно има повеќекратна стратегија на национално ниво осмислена да ги истисне САД како највлијателна светска сила во вештачката интелигенција до 2030 година“, се наведува во извештајот.

Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, му кажа на Сенатскиот одбор дека Кина направила само „повремени“ напори да го ограничи протокот на хемикалии што ја поттикнуваат кризата со фентанил во САД поради нејзината неподготвеност да ги сузбие профитабилните кинески бизниси.

Трамп ги зголеми тарифите на целиот кинески увоз за 20 отсто за да го казни Пекинг за, како што рече, неуспехот да ги запре испораките на хемикалијата фентанил. Кина негира каква било улога во таа криза, која е водечката причина за смртни случаи од предозирање со дрога во САД. Ова прашање стана главна точка на триење меѓу администрацијата на Трамп и кинеските власти.

„Не постои нешто што би ја спречило Кина да ги сузбие хемикалиите за производство на фентанил“, кажа Ретклиф.

Лиу Пенџу, портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон, рече дека САД долго време претеруваат во врска со заканите од Кина како изговор за одржување на американската воена хегемонија.

„Кина е решителна да биде сила на мир, стабилност и напредок во светот, како и да го брани нашиот национален суверенитет, безбедноста и територијалниот интегритет“, кажа Лиу, додавајќи дека „злоупотребата на фентанил е проблем со кој самите САД мора да се соочат и кој мора да го решат“.

Сослушувањето на сенатскиот одбор беше засенет од демократските сенатори кои ги нападнаа Ратклиф и Габард поради откритијата дека тие и други високи функционери на Трамп разговарале за многу чувствителни воени планови во група на апликацијата за размена на пораки Сигнал, во која случајно бил вклучен и еден американски новинар.

Бројни републикански сенатори го фокусираа своето испрашување на имигрантите без документи во САД.

Во разузнавачкиот извештај се наведува дека големата нелегална имиграција ја оптоварила американската инфраструктура и „им овозможила на познати или осомничени терористи да преминат во САД“.

Разузнавачките агенции соопштија дека Иран е посветен на развој на сурогат мрежи во Соединетите Американски Држави и дека таргетира поранешни и сегашни американски функционери.

Додека Иран продолжи да ги унапредува своите ракетни и беспилотни системи од домашно производство и вооружува конзорциум од „терористички и милитантни актери“, велат тие, САД продолжуваат да проценуваат дека Техеран „не прави нуклеарно оружје“.

Загриженоста на САД околу Кина доминира во третина од извештајот од 33 страници, во кој се наведува дека Пекинг е подготвен да ја зголеми воената и економска принуда кон Тајван, одметнатиот остров што Кина го смета за своја територија.

„НОА најверојатно остварува стабилен, но нерамномерен напредок во способностите што би ги користела во обидот да го заземе Тајван и да одврати – и доколку е потребно, порази – американска воена интервенција“, се наведува во извештајот.

Разузнавачките агенции соопштија дека долгорочната цел на Кина е да го прошири пристапот до природните ресурси на Гренланд и да го користи како „клучно стратегиско упориште“ на Арктикот.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс кажа дека оваа недела ќе го посети Гренланд во придружба на американска делегација. Трамп ги налути сојузниците во НАТО Данска и Гренланд со постојаните повици САД да ја преземат полуавтономната данска територија, наведувајќи дека тоа е императив за национална безбедност на САД.

Сепак, се наведува во извештајот, Кина се соочува со „застрашувачки“ домашни предизвици, вклучувајќи корупција, демографска нерамнотежа и фискални и економски пречки кои може да го нарушат легитимитетот на владејачката Комунистичка партија дома.

Кинескиот економскиот раст веројатно ќе продолжи да успорува поради ниската доверба на потрошувачите и инвеститорите, а се чини дека кинеските власти се подготвуваат за поголеми економски тензии со САД, се наведува во извештајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ