Ким го даде коментарот за време на состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во градот Вонсан во саботата, објави државната новинска агенција КЦНА. Рускиот министер пристигна вчера во тридневна посета на Северна Кореја, земја која веќе ѝ обезбеди значителна воена помош на Москва во војната со Украина.
Според државната новинска агенција на Северна Кореја, Ким му рекол на Лавров дека потезите што ги преземаат двете сојузнички земји како одговор на радикалните промени во глобалната геополитика значително ќе придонесат за обезбедување мир и безбедност низ целиот свет.
„Ким Џонг Ун потврди дека ДНРК (Демократска Народна Република Северна Кореја) е подготвена безусловно да ги поддржи и охрабри сите мерки преземени од руското раководство за решавање на основната причина за украинската криза“, соопшти КЦНА.
Во Вонсан, Лавров претходно се сретна со севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон Хуи, а по состанокот, министрите издадоа заедничка изјава според која ветија дека двете земји ќе ја штитат меѓусебната национална сувереност и територијален интегритет, пренесува КЦНА.
Според извештаите на руските медиуми во саботата, Лавров го опишал односот меѓу двете земји како „непобедливо воено братство“ за време на состанокот со севернокорејскиот лидер, заблагодарувајќи му се на Ким за војниците што ги испратил во Русија.
Односите меѓу Русија и Северна Кореја значително се продлабочија во текот на изминатите две години од војната во Украина, која започна во февруари 2022 година. Пјонгјанг испрати повеќе од 10.000 војници и оружје во Русија за да ја поддржи Москва во нејзината воена кампања.
Владата на Ким вети дека ќе испрати околу шест илјади воени инженери и градежници да помогнат во обновата на рускиот регион Курск.