Армијата објави дека ќе ги прекине активностите во Ал-Маваси, Деир ал-Балах и градот Газа од 10 до 20 часот до понатамошно известување, пренесува Ројтерс. Копнените операции во тие области не се обновени од март, кога продолжи израелската офанзива врз Газа.
Исто така, беше наведено дека ќе има одредени безбедни рути за конвои што доставуваат храна и лекови, од 6 часот наутро до 23 часот.
Египетската државна телевизија Ал-Кахера њуз денес објави дека помошта почнала да пристигнува во Газа од Египет. Неколку часа претходно, Израел почнал да испушта помош од воздух, во она што го опиша како обид за ублажување на хуманитарните услови во енклавата.
Во четврток, Обединетите нации соопштија дека хуманитарните паузи во Газа ќе овозможат „зголемување на обемот на хуманитарна помош“ и рекоа дека Израел не обезбедил доволен број алтернативни рути за конвоите, што го отежнува пристапот до помошта.
Меѓународната загриженост за хуманитарната криза во Газа дополнително се зголеми кога Израел и САД се повлекоа од преговорите за прекин на огнот со Хамас во петокот, велејќи дека станало јасно оти милитантите не сакаат договор.
Хуманитарните агенции минатата недела соопштија дека 2,2 милиони луѓе се соочуваат со масовно гладување во Газа, бидејќи залихите со храна се намалија откако Израел ги прекина сите испораки на територијата во март, а потоа ги продолжи во мај со нови ограничувања.
Израел тврди дека нема глад во Газа и дека прекинот на помошта имал за цел да изврши притисок врз Хамас да ги ослободи десетиците заложници што сè уште ги држи во Газа.






