недела, 14 декември 2025

Израел продолжува со нападите врз градот Газа (ФОТО)

Израелската армија денеска продолжи со нападите врз градот Газа и поширокиот појас Газа, уривајќи подземни тунели и минирани објекти во операција во која загинаа 34 Палестинци, соопштија локалните здравствени власти.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Како што пренесува Ројтерс, нападот се случува во пресрет на понеделник, кога десет земји, меѓу кои Австралија, Белгија, Велика Британија и Канада, официјално ќе ја признаат независната палестинска држава, непосредно пред годишниот собир на лидерите на Генералното собрание на ОН.

Засилена израелска кампања за уривање на високи згради во градот Газа започна оваа недела, што се совпадна со копнена офанзива. Израелските сили, кои ги контролираат источните предградија на Газа, во последните денови силно ги напаѓаат областите Шеик Радван и Тел Ал-Хава, од каде што можат да се движат кон централните и западните делови на градот, каде што поголемиот дел од населението бара засолниште.

Проштална фотографија од заложниците и Рон Арад

Војската проценува дека во последните две недели срушила 20 облакодери во градот Газа и верува дека околу 350.000 луѓе го напуштиле градот од почетокот на септември. Сепак, околу 600.000 остануваат таму, според Ројтерс.

Меѓу жителите има и израелски заложници што ги држи милитантната група Хамас. Военото крило на Хамас денес објави проштална фотографија од заложниците на апликацијата Телеграм, предупредувајќи дека нивните животи зависат од израелската воена операција во Газа.

Заедно со фотографиите на заложниците, за сите беше објавено истото име – Рон Арад.

Рон Арад е името на израелски воен офицер кој исчезна за време на операција во Либан во 1986 година и оттогаш се води како исчезнат во акција. Се претпоставува дека починал во заробеништво откако бил заробен од членови на либанската шиитска група Амал, подоцна наводно бил префрлен во Хезболах и Иранската револуционерна гарда.

Името Арад го означува еден од најпознатите исчезнати војници на Израел и е симбол на долгогодишната потрага на израелските власти по судбината на своите исчезнати членови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ