понеделник, 15 декември 2025

Израел повторно пресретна брод со хуманитарна помош за Газа (ВИДЕО)

Израелската војска пресретна брод со хуманитарна помош за Газа кој се обидуваше да ја пробие израелската блокада на палестинската територија, приведувајќи 21 меѓународен активист и новинар и запленувајќи го товарот, вклучувајќи млеко за бебиња, храна и лекови, соопшти денес Коалицијата „Флотила на слободата“.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Коалицијата што го управува бродот Хандала, кој превезувал хуманитарна помош и активисти, соопшти дека израелската војска „насилно го пресретнала“ бродот во меѓународни води на околу 40 наутички милји од Газа, непосредно пред полноќ во саботата, прекинувајќи ги камерите и комуникациите.

На видеото објавено на интернет од активисти се гледаат пропалестински активисти како седат на палубата на бродот Хандала со рацете во воздух и ја свиркаат италијанската антифашистичка песна „Бела чао“ додека израелските војници ја преземаат контролата над бродот.

Снимањето било прекинато неколку минути подоцна.

„Целиот товар беше невоен, цивилен и наменет за директна дистрибуција до населението кое се соочува со намерно гладување и колапс на медицинскиот систем поради нелегалната блокада на Израел“, соопшти групата.

Израелската војска не објави дополнителни информации за ова прашање, но Министерството за надворешни работи рано утринава на мрежата Икс објави дека морнарицата го запрела бродот и го изнела на брегот.

Ова е втор брод организиран од коалицијата на кој Израел му спречи да достави помош во Газа во последните месеци.

Експертите за исхрана со месеци предупредуваат дека Газа е во опасност од глад.

Активистката Грета Тунберг беше меѓу 12-те активисти на бродот Мадлин што беше запленет од израелската војска на почетокот на јуни.

Пресретнувањето на бродот доаѓа во време кога Израел се соочува со растечки меѓународни критики поради влошувањето на хуманитарната состојба во Газа, а расте и загриженоста за ширењето на гладот на територијата поради израелските ограничувања за испорака на помош.

Регионалната група за човекови права „Адалах“ изјави дека пресретнувањето на бродот е кршење на меѓународното право и повика на итно ослободување на 21 активист, вклучувајќи пратеници и активисти за човекови права од 10 земји.

Групата побара веднаш да се наведе каде се однесени активистите и каков е нивниот правен статус.

Пратеник од левичарската еколошка партија на Италија побара од италијанската влада да ја обезбеди безбедноста на двајца Италијанци на бродот. Според Коалицијата на Флотилата на слободата, на бродот има и седум американски државјани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ